Од социјалната мрежа Твитер се избришани над 10.000 лажни профили, од кои автоматски биле праќани пораки со повици за бојкот на изборите за американскиот Конгрес, што ќе се одржат во вторник.
„Отстранивме низа профили поради тоа што се обидуваа на автоматизиран начин да шират дезинформации, што претставува провреда на нашите насоки за работа“, потврди потпаролот на Твитер за Ројтерс.
Преку лажните профили биле објавувани информации кои требало да ги спречат избирачите да излезат на изборите за Конгресот што ќе се одржат во вторник, на 6 ноември.
Демократите мораат да освојат 23 мандати за да добијат мнозинство во Претставничкиот дом.
Американскиот претседател, во обид да привлече што поголем број на избирачи да гласаат за кандидати од Републиканската партија ја засили антимиграционата реторика и упати закани кон мигрантскиот караван кој од Средна Америка иде кон САД, додека Пентагон се подготвува да распореди илјади војници долж границата со Мексико.




