Додека трае постапката за азил, Никола Груевски не може да биде екстрадиран во земјава, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој беше гостин во „Само Вистина“ на ТВ Канал 5, одговарајќи на прашањето дали со распишувањето на меѓународната потерница, Груевски може да биде екстрадиран во Македонија доколку постапката за барање азил е во тек.
Меѓу другото кажа дека обезбедувањето кое МВР му го дава на Груевски последен пат го виделе вечерта во четвртокот во 23 и 35 кога го вратиле дома.
– Го прашале како е планот за утре а тој им одговорил вообичаено во 9 часот претпладне. Тие утредента, во петокот, дошле пред неговата зграда каде што живее и останале тука до крајот на денот, но тој не се појавил, ниту ги повикал – кажа министерот Спасовски.
Тој додаде дека Груевски имал и негово лично приватно обезбедување .
Спасовски кажа дека на ниеден граничен премин не е регистрирано дека поминал и јасно е дека тој државата ја преминал на илегален премин.
-На ниту еден граничен нема излезено легално. Тоа укажува дека излегол илегално, вон гранични премини. Чувањето на зелената граница е патролно и тоа не може херметички да ја затвори границата. Секојдневно имаме обиди за илегално преминување на границата. Сите анализи укажуваат дека заминувањето од Македонија не се случило по воздушен пат. Кога ќе дојдеме до релевантен податок како се случило, тогаш ќе соопштиме. Сигурно е дека тој имал поддршка. Жално е во членка на ЕУ да дојде поранешен премиер на друга земја осуден за криминал, да бара азил, рече Спасовски.