Наша цел како Комисија не е секој ден да бидеме присутни во медиумите и да се саморекламираме. Кога ќе имаме издржан материјал којшто ќе биде поткрепен со проверки, ние тогаш ќе излеземе и ќе ги кажеме тие податоци, вели претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Ѓорѓи Сламков во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
На прашањето дека Заев го прозва шефот на УБК Сашо Мијалков дека и тој има незаконски стекнати пари. Дали Комисијата ќе го испита и овој случај, Сламков вели:
– Доколку се појават наводи коишто оставаат простор за постапување на Комисијата, се разбира. Сите граѓани, сите носители на јавни функции се исти меѓу себе во своите права и обврски.
Тој не открива до каде е предметот со Заев, само истакнува дека за предмети коишто се во тек, не зборуваме. „Тоа е мој личен став како кривичар, како професор по кривично право, и процесно и материјално, тука го имаме членот 2 од Законот за кривична постапка, презумпција на невиност и јас сум за тоа дека оваа презумпција мора да биде почитувана. Предметот, како и сите други коишто ги работиме, е во тек“, вели Сламков.
Дали како независно тело имате механизми да разграничите што е партиски реваншизам, а што е корупција и дали борбата против корупцијата страда во овие партиски препукувања?
– Ова е тема за којашто се пресметуваат политичките партии и токму тука се приближуваат до работата на Комисијата. Се разбира, критики ќе има во една или во друга насока, меѓутоа нас како комисија не нè интересира таа нивна меѓусебна борба. Нас нè интересира дали елементите што се споменати во јавноста или што се утврдени имаат коруптивни основи или судир на интереси па да постапуваме по нив. Нам ни е тоа сосема јасно и ние така постапуваме, согласно законите.
Како тогаш експресно реагиравте за министерката Јанкулоска, а за Заев отворивте постапка?
– За Заев бевме прашани од страна на новинарите. Ние немаше да кажеме дали водиме предмет доколку новинарите нè не прашаа конкретно и тоа е единствената информација што им ја дадовме. Сите други информации се дека тој предмет е во тек и мислам дека треба да се прифати како и сите други предмети за коишто ние си имаме тековно постапување и со ништо да не се издвои во таа маса. Во поглед на првиот дел од прашањето за министерката за внатрешни работи, мислам дека самата таа министерка се обрати во јавноста и ја повика Комисијата јавно да се произнесе дали има елементи за обвинувањата на нејзина сметка, но од она што е евидентирано во анкетните листови кај нас, состојбата е таа што е.