Британската премиерка Тереза Меј пристигна во Брисел каде ќе има средби со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск пред утрешниот специјален Самит на ЕУ.
Премиерката ќе има разговори со водечките личности во ЕУ пред Самитот, на кој ќе се соберат членките на 28 држави кои би требало да го потврдат нацрт договорот за Брегзит. Се очекува тие да потпишат и политичка декларација за идните односи меѓу ЕУ и Британија.
Според дипломатски извори, прашањето за Гибралтар, британска територија на југ во Шпанија, се уште останува нерешено. Шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека поради спорот околу Гибралтар може да пропадне европскиот Самит за Брегзит.
Но, дури и ако ЕУ го одобри договорот, Меј сепак, мора да убеди доволно пратеници да ја поддржат што може да биде тешко.
Арлин Фостер, претседателка на Демократската унионистичка партија која е во коалициската Влада на Тереза Меј, соопшти дека нема да го поддржи нацрт-договорот за Брегзит и предупреди дека доколку биде усвоен, тој би можел да ја загрози соработката со ториевците.
Таа прецизираше дека доколку Парламентот го усвои нацрт-договорот предложен од Меј, ДУП ќе ја преиспита соработката со конзервативците.




