Од почетокот на годината до крајот на септември реализирани се приходи во буџетот од 103.018 милиони денари, а на расходната страна 118.861 милиони денари. Обезбедена е редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци, зголемени капитални инвестиции, зголемени субвенции…Дефицитот е 3,2 проценти од БДП или 15.843 милиони денари.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го предложениот ребаланс на Буџетот за 2013 година.
Тој истакна дека станува збор за мал ребаланс кој ја опфаќа само расходната страна. Се предвидуваат реалокација на средства во делот на платите по основ на корекции, но не се менува предвидниот износ, потоа се предвидуваат дополнителни средства во Фондот за ПИОМ и во Министерството за образование и наука.
Според министерот Ставрески и реализацијата на буџетот и на економската политика во изминатите девет месеци од годинава се одвиваше во позитивна динамика и овозможи економијата да оствари позитивни резултати.
– Македонската економија во 2013 година оствари резултати кои се подобри од она што беа очекувањата. Резултатите на македонската економија во првите девет месеци од 2013 година се подобри од повеќето земји во ЕУ, можеме да бидеме задоволни бидејќи не само што ја задржавме макроекономската стабилност, туку имаме и солидни резултати во сите главни макроекономски параметри, вклучително растот на економијата, странските инвестиции, извозот, вработеноста, невработеноста и се она што е значајно за економската состојба во државата, истакна Ставрески.
Посочувајќи ги податоците за растот на економијата во првите два квартали во годината, посочи дека просечниот раст во првите шест месеци е 3,4 проценти, што е четврто најдобро остварување во Еропа.