Основниот суд во Приштина им одреди 30 дневен притвор на тројцата Срби кои беа уапсени во Косовска Митровица поради сомневање дека се поврзани со убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива СДП Оливер Ивановиќ.
Притворени се Драгиша Марковиќ, Саша Ѓуриќ и Недељко Спасојевиќ. Двајца од нив – Марковиќ и Спасојевиќ се полицајци.
Оливер Ивановиќ беше убиен во јануари годинава. Врз него беше пукано пред просториите на неговата партија Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“. Тој беше погоден со пет куршуми. Автомобилот со кој избегаа убијците подоцна беше пронајден запален.
Шеесет и четиригодишниот Ивановиќ имаше значајна улога на политичката сцена на Косово од 1999 година, а од 2008 година беше државен секретар за Косово и Метохија.
За претседателот на Србија Александар Вучиќ, апсењата се само пренасочување на вниманието од случувањата во врска со производите кои се увезуваат во Косово од Србија, откако Косово наложи 100 отсто царина за производи од Србија и Босна и Херцеговина.




