Од Балкан Енерџи Груп не обелоденуваат кои се причините поради кои не почнуваат со греење во Скопје. Фактор од извори меѓу регулаторите дознава и дека за проблемот е запознат и лично премиерот Никола Груевски. За сега ниту од Регулаторната комисија за енергетика ниту од Владата објаснуваат дали можеби ќе посегнат и по правен лек, доколку и денеска Балкан Енерџи Груп не испорача парно греење до потрошувачите во Скопје.
Регулаторната комисија со енергетика се закани – Балкан Енерџи Груп мора да почне со парно греење. Преку писмена одлука Комисијата ја задолжува Балкан Енерџи Груп да почне да дистрибуира топлинска енергија во Скопје, поради континуираните ниски температори неколку денови.
“Се задолжува Друштвото за производство на топлинска енергија Балкан Енерџи Груп да превземе соодветни мерки, да обезбеди сигурна, квалитетна, ефикасна испорака на топлинска енергија до вршителот на енергетската дејност дистрибуција на топлинска енергија, а со цел заштита на правата на потрошувачите и корисниците на ситемот на топлинска енергија. Откако вршителот на регулираната енергетска дејност производство на топлинска енергија не отпочна со вршење на дејноста соодветно на создадените временски услови, Регулаторната комисија за енергетика на ден 07.10.2013 година, испрати Предупредување до основачот Балкан Енерџи Груп АД Скопје заради неотпочнување на грејна сезона 2013/2014 година, со кое укажа на обврските кои произлегуваат од Законот за енергетика, Правилата за снабдување со топлинска енергија и обврските од Лиценцата за вршење на енергетската дејност производство на топлинска енергија, како и потребата за отпочнување со испорака на топлинска енергија во претстојната грејна сезона“, стои во Одлуката на Комисијата објавена вчера.
Но, и покрај овие предупредувања, дистрибутерот на топлинска енергија кој од лани го презеде бизнисот на Топлификација, вчера не испорача топлинска енергија до потрошувачите.
Од Балкан Енерџи Груп не обелоденуваат кои се причините поради кои не почнуваат со греење. Нема одговор ниту кога ќе почнат со испорака на топлинска енергија иако условите за предвремен старт на грејната сезона се исполнети уште на почетокот од месецов. Според информациите од Управата за хидрометереолошки работи , на 3-ти, 4-ти и 5-ти октомври во 21:00 часот Управата во Скопје измерила температури пониски од 12 степени целзиусови, што е доволен услов топланите да ги пуштат вентилите со топлинска енергија.
Фактор од извори меѓу регулаторите дознава и дека за проблемот е запознат и лично премиерот Никола Груевски. За сега ниту од Регулаторната комисија за енергетика ниту од Владата објаснуваат дали ќе посегнат и по правен лек, доколку и денеска Балкан Енерџи Груп не испорача парно греење до потрошувачите во Скопје.
Парното проблем и пред една година
И минатата зима, испораката на топлинската енергија во Скопје ги вжешти односите на релација Влада – Топлификација.
Топлификација ја врати лиценцата за производство на топлинска енергија и ја извести Регулаторната комисија за енергетика дека не сака повеќе да произведува топлинска енергија и дека која било друга заинтересирана компанија може да се пријави на следниот тендер и да биде новиот производител. Директорот на скопска Топлификација, Димитер Хаџимишев, лани бараше државна гаранција од околу пет милиони евра за да купи мазут за да произведува топлинска енергија. Во спротивно, се заканија со можноста Скопје да остане без парно во екот на грејната сезона лани.
За проблемот да не ескалира на штета на граѓаните, Владата реши да и даде на Топлификација мазут од државните резерви. Неколку месеци подоцна, на сцена стапи Балкан Енерџи Груп, преземајќи го бизнисот на Топлификација во Скопје.
Извор: Фактор