Агенцијата за храна и ветеринарство нема добиено нотификација преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија, дека во млекото за бебиња Aptamil, Hipp Organic и Cow and Gate се најдени траги од алуминиум, чии вредности се повеќекратно поголеми од дозволените, тврдења изнесени во медиумите кои се темелат на анализи извршени во Велика Британија.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги следи сите информации кои се однесуваат и на безбедноста на храната за доенчиња и за мали деца на млечна и на житна основа.
Во Република Македонија, производството, увозот и ставањето во промет на храна за доенчиња и мали деца подлежи на посебен режим на одобрување од страна на
Агенцијата за храна и ветеринарство, односно истите, во поглед на составот и означувањето, мора да бидат во согласност со Правилникот за посебните барања за
безбедност на храна за доенчиња на житна основа и Правилникот за посебните барања за безбедност на млечната храна за доенчиња.
На македонскиот пазар од страна на Агенцијата одобрени за увоз и ставање во промет се производи од брендот Aptamil, и Hipp Organic, додека за увоз производи од брендот Cow
and Gate, до Агенцијата досега не е доставено ниту едно барање за увоз.
Алуминиумот воопшто не е предмет на контрола со правилниците за млечна и храна за доенчиња. Во Правилникот за општите барања за безбедност на храната во однос на максималните нивоа на одделни контаминенти (број 102 од 18 јули годинава), кој е комплетно усогласен со европската легислатива, не е предвидено испитување на алуминиум во било која храна.
Алуминиумот како параметар се испитува само во водата за пиење, при што согласно Правилникот, дозволена е вредност на алуминиумот во водата за пиење во количина од 200 микрограми на литар.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство оваа година имаат испитано 14 мостри од храна за доенчиња и мали деца, односно од 7 вида на млека од 7 производители. Добиените резултати од лабараториските испитувања на мострите потврдија дека ваквата храна е безбедна. И покрај ова Агенцијата ќе продолжи да ја следи состојбата и да врши континуирани контроли на пазарот, а доколку се јави потреба и да
интервенира.