Министерството за здравство апелира до сите родители да ги вакцинираат децата со МРП вакцина. Од денеска е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје.
Министерството информира дека денеска до 12 часот се вакцинирани вкупно 267 деца од предучилишна возраст.
Од денеска се воведува и втора смена во поликлиниките, каде се врши вакцинација, односно вакциналните пунтови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“ ќе работат до 19 часот.
Од Министерството за здравство соопштуваат дека дека МРП вакцината е висококвалитетна, производител е компанијата GlaxoSmithKline од Белгија.
Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека сите државни и приватни градинки се информирани дека е прогласена епидемија на мали сипаници и им укажало дека е на сила забрана за примање деца во градинките кои не се вакцинирани од МРП (вакцина за морбили, рубеола и паротит). Од Министерството информираат дека градинките се задолжени и да спроведат санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки и ги потсетуваат родителите дека казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра.