И покрај снегот и ниските температури, во Белград и оваа сабота се одржа нов голем масовен протест, без партиски обележја, против насилството под слоганите „Еден од петте милиони“ и „Стоп на крвавите кошули“.
Колоната на граѓани кои протестираа што беше долга речиси еден километар се движеше низ белградските улици, по познатата маршрута од Студенсткиот плоштад, преку Теразија и булеварот на Кнез Милош до плоштадот Славија.
Пред почетокот на протестот на граѓаните им се обратија актерите Бранислав Трифуновиќ и Радослав Рале Миленковиќ.
Трифуновиќ на собирот ги презентираше досегашните барања на граѓаните идодаде уште едно барање, до генералниот директор на Јавниот сервис РТС Драган Бујошевиќ, од кого со јавното писмо побара да се повлече од тоа место, кое го узурпирал.
Пред зградата на РТС, демонстрантите повторно кратко се задржаа во знак на протест против информирањето на телевизијата, каде беше раширен транспарентот „ Ова е почеток“, проследен со тонски записи на говори на претседателот Александар Вучиќ, како и со песната на Ѓорѓе Балашевиќ-„Дно дна“
Протестот беше најавен како непартиски, но на него и овој пат учествуваа преставници на речиси сите опозициски партии во Србија. На досегашните протести имаше меѓу 25-35.000 граѓани.
Организаторите на протестите ги повторија своите барања за расветлувањето на убиството на Оливер Ивановиќ, откривање на сторителите на нападите врз новинарите и опозициските личности, како и опозицијата да добие пет минути простор во Дневникот на РТС. Кон овие барања, минатата сабота беше додадено уште едно – смена на министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ.
Првпат оваа сабота се одржаа граѓански протести и во Ниш, Крагуевац, Нови Сад, Пожега и други градови




