Од следниот протест на „Жолтите елеци“ на 12 јануари, ќе бидат преземени засилени мерки на безбедност по насилството кое изби минатиот викенд, најави францускиот премиер Едуар Филип преку телевизијата ТФ1.
Како што рече, на улиците на големите градови на Франција ќе бидат распоредени околу 80.000 полицајци и жандарми.
-Од почеткот на мобилизацијата, има околу 5.600 приведувања, а на околу 1.000 лица им се изречени казни, изјави Филип кој најави низа мерки за поостри казни за демонстрантите кои го нарушуваат јавниот ред и мир на протестите.
Новите мерки ќе се однесуваат и за казните за непријавување на собирите, како и за оние кои ќе направат материјална штета.
По насилствата што избија на протестите во саботата, министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер повика на почитување на законите.
Нередите избија на неколку места во Париз каде демонстрантите ги гаѓаа припадниците на силите за безбедност и фрлаа молотови коктели врз паркираните возила.
Граѓанското движење „Жолти елеци“ во средината на ноември започна да организира протести низ цела Франција поради најавено зголемување на данокот на гориво во рамки на еколошките мерки, но протестот потоа се претвори во општо незадоволство на гражаните со државната политика.




