Прв приоритет е Преспанскиот договор а потоа може да се зборува за другите легитимни барања на албанските партии во Македонија. Ова е пораката што му била пренесена на Арбен Таравари за време на неговата денешна средба со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн.
И Таравари и неговите соговорници потврдуваат дека средбата била пријателска и информативна.
Генералниот секретар на Алијансата на Албанците на пратениците им кажал дека неговата партија ќе ги поддржи уставните измени.
Таравари се надева дека Преспанскиот договор ќе помине и во Грција и дека од Атина нема да дојдат непријатни изненадувања. Особено поради последниот развој на настаните во односите помеѓу Србија и Косово но и Босна и Херцеговина:
– Сакам Преспанскиот договор да помине без никакви проблеми во Грција. Македонија да стане стабилна за да можат компаниите да инвестираат, а нашите млади да се вратат во државата. Ако не помине во Грција, се е под знак прашање. Сакам на 15 јануари да се изгласа кај нас, а потоа што побрзо во Грција, вели Таравари и се надева дека има доволно гласови процесот на Преспанскиот договор да се заврши.
Според него компромисот помеѓу Села и Заев бил во тоа што Владата прифатила три од барањата на Алијансата на Албанците но не и предлогот за промена на Уставот во делот на јазиците.
– Од четирите предлози, три се прифатени. Едниот е дека соседна држава на Македонија, освен четирите Србија, Бугарија, Грција и Албанија, и Косово е сосед што е реалност бидејќи ние го признавме Косово како независна држава. Вториот се однесува на Преамбулата. Постојат граѓани Македонци и граѓани кои се дел од албанското, турското … Тоа се две категории на граѓани. Тоа ќе биде повлечено и ќе стои само – граѓани Македонци и дел од албанското, турското, ромското, српското итн и нема да има две категории граѓани. Сите граѓани се на исто ниво но подредени според процентите во државата. Третиот предлог да се остават самите граѓани за изберат државјанство. Значи, Македонци/граѓанин на Република Северна Македонија а ако некој сака, ќе треба да поднесе барање и кај него ќе стои само дека е “граѓанин на Република Северна Македонија”. Ниту еден од овие три амандмани не им пречи на Македонците и не прави потешкотии, објаснува Таравари.
Ова трето барање ќе биде реализирано за време на издавање на нови лични документи.
– Ќе има уставен закон, како за лична карта, некои бараат двојазични, некои еднојазични, така ќе биде и за државјанство. Кога ќе барате лична карта или пасош, или ќе барате нормално како што стои: Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија или можете да барате да стои само граѓани на Република Северна Македонија, објаснува Таравари.
Четвртото барање за јазикот било одбиено од премиерот.
– Предлогот беше да не стои во Уставот само дека официјален јазик е македонскиот со неговото ќирилично писмо и јазикот на 20 отсто населените. Премиерот кажа вчера дека за тоа ќе се чека подобро време а понатаму може и тоа да се направи во Уставот. Ние мислиме дека компрмис е секогаш кога двете страни ќе попуштат. Но, не се откажуваме од ова барање. Сепак, подобро ќе беше да поминеше за да можеме после 15 јануари да зборуваме за образование, здравство, инвестиции, интеграција, за правна држава и независно судство, вели Таравари.
Според него, подобро е овој проблем да се реши со промена на Уставот и во тој случај нема да има потреба од закон за јазици.