Британскиот Парламент денеска треба да се изјасни за Договорот за Брегзит, што премиерката Тереза Меј го постигна со Европската унија.
Меј ги повика пратениците „уште еднаш да го проучат“ Договорот за Брегзит и ги одби повиците да го одложи излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
– Им порачувам на пратениците од двете страни на Парламентот, што и да одлучиле, во следните 24 часа да го проучат договорот уште еднаш, рече Меј пред Парламентот.
Таа истакна дека договорот не е совршен и дека е резултат на компромис.
Притоа, ги отфрли барањата на некои пратеници Брегзитот да биде одложен за да има доволно време да се постигне консензус или одржување нов референдум.
– ЕУ ќе ја напуштиме на 29 март. Верувам дека поради нашата демократија е важно да ги спроведеме резултатите од референдумот од 2016 година, рече британската премиерка.
Како што пренесуваат медиумите, се верува дека Меј денеска нема да успее да ја обезбеди потребната поддршка во Парламентот. Во тој случај, можни се повеќе сценарија – од распишување нови избори до нов референдум или дури излегување на Велика Британија од ЕУ без договор, што би можело да доведе до хаос, предизвикан од брзиот прекин на односите со Унијата.
Брисел до Лондон: Гаранции -да, нови преговори- не
Пред денешното гласање, претседателите на Советот на ЕУ и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер вчера упатија писмо до Лондон во кое се нуди уверување дека најспорниот дел од договорот, оној со кој границата меѓу британската покраина Северна Ирска и Република Ирска останува отворена и по Брегзитот како и до сега, претставува привремена мерка што ќе остане во сила „се додека тоа биде строго неопходно“.
И покрај ваквите уверувања, Туск и Јункер повторуваат дека ЕУ нема да прифати нови преговори за истапувањето на Велика Британија од Унијата.
– Ние не сме во позиција да се согласиме не нешто што би го променило или не би било во согласност со Договорот за истапување, посочуваат челниците на ЕУ во писмото.




