Долниот дом на британскиот Парламент го отфрли Брегзит. Резултатите од гласањето за Брегзит се 202 гласови „За“ и 432 гласови „против“.
Џереми Корбин изјави дека ова е најголем пораз за британската Влада од 1920 година. Ја обвини Тереза Меј дека се обидува да ги убеди луѓето од парламентарната говорница, иако народот и парламентарните партии се изјаснија. Тој го повтори својот план да не го затвора дијалогот со ЕУ и да издејствува трговска унија со блокот и слобода на движење на луѓето. Корбин рече дека Владата ја изгубила довербата на народот и затоа поднесе барање за гласање на доверба за владата на Меј за кое очекува парламентот да расправа утре.
Тереза Меј изјави дека е јасно дека пратениците не го поддржуваат планот за Брегзит.
Сепак, таа вели дека вечерашното гласање не кажува што поддржуваат, ниту какви се нивните намери по однос на одлуката на граѓаните изразена на референдум.
-Граѓаните на ЕУ овде, и британските граѓани во ЕУ заслужуваат разјаснување што побрзо – изјави Меј.
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер преку Твитер напиша дека со жалење ги проследил резултатите од гласањето за Брегзит и дека Британија мора наскоро да соопшти што планира.
– Времето истекува – потенцираше Јунер.
Британците треба да ја напуштат ЕУ на 29 март.
По неприфаќањето на договорот можни се повеќе сценарија – од распишување нови избори до нов референдум или дури излегување на Велика Британија од ЕУ без договор, што би можело да доведе до хаос, предизвикан од брзиот прекин на односите со Унијата.
Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, вечерва на Твитер напиша:
„Гласањето за Брегзит е лоша вест. Нашата прва помисла се 3,6 милиони граѓани на ЕУ кои живеат во Британија и Британците кои живеат низ ЕУ. Тие имаат потреба од гаранција за нивната иднина. Ние секогаш ќе бидеме покрај нив“.




