Законот за прекувремена работа и судските реформи во Унгарија повторно извадија десетици илјади демонстранти на улица. Оваа сабота опозицијата ги повика граѓаните да излезат на улиците, додека синдикатите се закануваат со генерален штрајк.
Протестите во Унгарија започнаа на 12 декември, кога владата на конзервативниот премиер Виктор Орбан одлучи да донесе т.н. „робовладетелски закон“, со кој бројот на прекувремени работни часови во годината е зголемен од 250 на 400. А плаќањето на тие прекувремени часови ќе биде платено три години подоцна.
Демонстрантите маршираа во центарот на Будимпешта со транспаренти со натпис „Доста ни е“ и го вееа унгарското знаме и знамето на ЕУ.
Според власта, прекувременото време е еден начин да справување со недостигот на работна сила во Унгарија. Земјата страда од пад на стапката на наталитет а од 2010 година речиси 600.000 Унгарци ја напуштија земјата поради ниски плати и заминуваат во Германија, Австрија и Англија.
Протестите се насочени и против законот за новите управни судови. Судовите би требало да бидат под надзор на министерот за правда Ласло Трочани, кој му е близок на премиерот Орбан. Сето тоа е еден вид гаранција за прекумерно политичко влијание врз правосудството.




