Со цел побрзо да почне искористување на енергија од обновливи извори, Владата донесе одлука за почнување постапка за доделување концесија за изградба на ХЕЦ „Чебрен” и „Галиште”.
„Министерството за животна средина и просторно планирање ги забрза активностите во насока на реализација на овој проект. За таа цел предложивме, Владата на Република Македонија да донесе Одлука за започнување на постапка за доделување на концесијата за користење на вода за производство на електрична енергија и изградба на хидроелектрични централи на Црна река, со одредени измени во однос на претходните тендери, со цел успешно завршување на тендерот”, рече Абдилаќим Адеми, министер за животна средина и просторно планирање.
Со Одлука на Влада за започнување на постапка за доделување на концесијата за користење на вода за производство на електрична енергија и изградба на хидроелектрични централи на Црна река, со која се предвидува висината на браната на ХЕЦ „Чебрен” да биде флексибилна помеѓу 182.5 и 192.5 метри со индикативен минимален вкупен инсталиран капацитет од 333 MW, и можност за поставување на четири агрегати на ХЕЦ Чебрен.
Исто така треба да се овозможи изградба на прибранска хидроцентрала на браната Орлов Камен, а со која нема да биде оневозможено градењето на ХЕЦ „Галиште” во иднина.
Минималниот процент кој треба да биде понуден за ЕЛЕМ во заедничката компанија да биде 35 отсто.
Кога ХЕЦ „Чебрен” ќе работи во пумпен режим, цената за пренос на електрична енергија која се плаќа на АД МЕПСО да биде фиксна и да важи за целиот концесиски период на ниво од тарифата за 2013 год определена во висина од 4.4 евра по MWh.
ХЕЦ „Тиквеш” се отстапува на концесионерот по три месеци по потпишувањето на концесискиот договор.