Косовскиот премиер Рамуш Харадинај и европските дипломати усогласуваат „договор на реципроцитет“ меѓу Белград и Приштина за сите економски аспекти, во замена за укинување на таксите од 100 отсто на стоки од Србија, пишува весникот „Коха диторе“.
Комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, според косовскиот весник, го претставил договорот на медиумите.
„Коха“ наведува и дека Хан тој договор веќе го претставил на претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи на Светскиот економски форум во Давос.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изрази резерва на сигналите од Приштина за евентуалното укинување на таксите од сто отсто на производите од Србија.
Тој оцени дека притисокот од меѓународната заедница расте во таа насока, но исто така потсети дека Приштина досега повеќе пати покажала дека не се држи до договорот и дека искуството го научило дека на албанските функционери не може да им се верува.
-Треба да продолжиме да разговараме, без оглед на тоа што знаеме дека навистина не можеме да имаме доверба. Не верувам дека лесно ќе ги укинат даноците, но се надевам дека сепак ќе го сторат тоа. Мислам дека притисокот врз нив станува сé поголем, изјави Вучиќ за новинарите во Давос.
Тој додаде дека во меѓународните организации, Светската банка, преку ОБСЕ и ЕУ, “има поголема посветеност за појасен поглед и за побрзо решавање на проблемите на Балканот во иднина”, додека во регионот, како што додаде тој, “се уште има различни погледи, премногу минато и помалку иднина “.




