Британскиот Парламент синоќа усвои предлог со кој Владата се повикува да ја исклучи можноста за излез на Велика Брутанија од Европската унија без постигнување договор.
Овој таканаречен Спелманов амандман ја „отфрла идејата Обединетото Кралство да ја напушти ЕУ без договор за повлекување и рамка за иден однос“.
Амандманот сигнализира дека Парламентот во целина се противи на напуштањето на ЕУ без договор, што, според планот, треба да се случи на 29 март, доколку не се договори алтернатива, но не ја обврзува Владата да спречи таков Брегзит.
Нема нови преговори за Брегзит
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск синоќа изјави дека нема повторно да се преговара за излезот на Велика Британија од Европската унија, откако премиерката Тереза Меј најави дека ќе се обиде да го преиначи договорот за Брегзит.
Претходно британскиот Парламент поддржа амандман на договорот со кој на премиерката и се сугерира да побара од Брисел да го замени со алтернативни договори таканаречениот „бекстоп“ – чија цел е избегнување царински контроли на границата меѓу Северна и Република Ирска.
– Договорот за повлекувањето е и останува наjдобар и единствен начин да се обезбеди уредено повлекување на Британија од ЕУ, соопшти Туск преку својот портпарол.
Договорот, како што истакна, не е отворен за повторно преговарање.




