Системска неорганизираност и шетање од болница до болница се причината поради која се изгубило драгоцено време во случајот со Аница С. која почина од сепса што ја добила поради пукнато дебело црево, велат лекарски извори од Хируршките клиники, за НОВА.
Жената со силни болки во стомакот била вратена од Ургентниот центар бидејќи немало место, по што била препратена и примена на Клиниката за нефрологија, велат нашите извори. Според извор близок на смесјтвото пак, на Нефрологија, каде што увиделе дека пациентката не е за кај нив,( по параметрите кои укажувале дека се работи за нешто друго, како и силните стомачни болки) повикале абдоменален хирург кој ги направил сите иследувања, по што жената била пратена во Ургентен центар каде и кажале дека нема место и повторно ја вратиле на Нефрологија. По ова била пратена и на Урологија, но и таму констатирале дека не е за кај нив.
Нашите извори велат дека е изгубено драгоцено време од нејзиното прво јавување на лекар на 21 јануари до операцијата која се случила на 24 јануари попладне, кога било констатирано дека се работи за пукнато дебело црево, поради што настанала сепса и по три дена жената починала на КАРИЛ.
„Најверојатно, системска неорганизираност и шетање од болница до болница, се причината поради која се изгубило драгоцено време, посочуваат лекарски извори за НОВА.
Во Градската хируршка болница„ Св. Наум Охридски“, каде што за првпат се јавила на 21 јануари во 22 часот навечер, тврдат дека и биле направени сите потребни иследувања и била дадена терапија, но таму не утврдиле никаква дијагноза.
„ Во тој момент немало клиничка слика за прием, а по прегледот и лабораториските и испитувања и рентген снимања, како и по примената терапија од која се смириле болките и било препорачано да се јави утрината повторно на контрола. Пациентката не се вратила повеќе кај нас“изјави за НОВА Иван Спировски директор на Градската хируршка болница„ Св. Наум Охридски“.
Наместо тоа, откако ноќта ја поминала со болки, жената утредента помош побарала во Ургентен центар. Од тогаш почнала голготата и шетање од клиника на клиника, вели извор близок на семејството. Таа била носена во Ургентен, на Нефрологија, на Урологија за по три дена да биде оперирана на Дигестивна хирургија, а на 27 јануари, три дена по операцијата починала на КАРИЛ.
Сепак, за конечниот исход и причините што довеле до ова треба да се почека Извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Од таму велат дека во тек е вонреден инспекциски надзор и прибирање на документацијата која го следи патот по кој се движела пациентката.
„ Правиме увид во целокупната документација од сите здравствени институции низ кои поминала, односно е поврзано лекувањето на пациентката. Тоа значи дека правиме увид во целокупната електронска и хартиена документација, земаме копии од анализи, снимања и се што е поврзано со лекувањето“, изјави Ирена Бухова директорка на ДСЗИ.
Бухова потенцира дека денеска е направен надзор во Градска хируршка болница„ Св. Наум Охридски“, кај матичниот лекар, на Дигестивна хирургија, на Урологија, КАРИЛ, Ургентен и Нефрологија. Откога ќе заврши инспекцискиот надзор, од ДСЗИ велат дека ќе иницираат стручен надзор за случајот.
Како што вчера објави НОВА, 61 годишна Аница починала во неделата на КАРИЛ, од сепса која ја добила од пукнато дебело црево, откако претходно била препраќана од клиника на клиника и шетана по болничките ходници, при што било изгубено драгоцено време. Жената имала силни стомачни болки, но три дена лекарите не успеале да дијагностицираат за што точно се работи, ниту итно да ја оперираат.