Еко-активистите од движењето „За чист воздух“ и група на граѓани, денеска одржаа краток протест пред депонијата Дрисла, поради енормното загадување на воздухот во Скопје во изминатите неколку месеци.
Како што истакнаа активистите, нивните барања се однесуваат на промена на правилникот за извршување инспекциски надзор, носење правилници за индустриски емисии и воведување најдобри производствени пракси за тој сектор, како и раскинување на договорот со италијанската фирма-концесионер, поради неисполнување на договореното.
-Ова е еден од најсериозните проблеми за Скопје и цела држава. Дојдовме како една натпартиска заедница во име на движењето „За чист воздух“, да дадеме глас, да побараме промени, што се однесува до отпадот и да дојдеме до еден притисок да се случи раскинување со италијанскиот партнер. Најголемиот проблем е тоа што во оваа депонија се гори секаков вид на ѓубре“, изјави Тони Никушевски од „За чист воздух“.
Драги Змијанац од детската амбасада „Меѓаши“, упати неколку прашања кон надлежните органи.
-Сакаме да прашаме, што се гори во печките на Дрисла, дали тој отпад се декларира како отпад, дали имаат соодветни филтри. Што преземаат државните органи за санкционирање. Има ли ноќни и ненајавени смени, истакна Змијанац.
На надлежните им се оставаат 15 дена за реакција, по што од движењето најавуваат блокирање на Град Скопје и тужба.