Нема влошување на состојбата од витално животозагрозувачки карактер на повредените во завчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово, кои се сместени во Градската општа болница „8 Септември“, изјави попладнево директорот Христијан Костов.
Двајцата повредени кои во критична состојба се мажи на возраст од 40 до 50 години и имаат повреди на мозокот, интрацеребрални крварења и се под контрола на неврохирург.
– Засега се во стабилна состојба. Како ќе се развива клиничката слика не знаеме, ќе покаже времето. Најмладиот пациент на возраст од 15 години е опериран синоќа и е во добра состојба, истакна д-р Костов.
Од 28 згрижени пациенти во ГОБ „8 Септември“, шест денеска се пуштени на домашно лекување.
– Од другите 22 пациенти, петмина се во Одделот за интензивно лекување, двајцата кои се во критична состојба се на механичка вентилација, а другите тројца се оперирани и се во добра општа состојба. Кај дел од останатите 17 пациенти кои се по другите оддели се прават дополнителни испитувања, а оние кои се со скршеници ќе бидат оперирани. Тројца кои се оперирани на стомачната шуплина се во стабилна општа состојба, рече д-р Костов.
Костов нагласи дека располагаат со сите крвни деривати и дека има луѓе кои доброволно даруваат крв.
Претходно, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во Клиничкиот центар се лекуваат осум пациенти од кои четворица се на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, по еден пациент има на клиниките за трауматологија, неврохирургија, торакална хирургија, а една бремена жена се лекува на Клиниката за гинекологија и е во добра општа состојба. Додаде дека четворицата пациенти кои се сместени во КАРИЛ се во тешка состојба.





