Од осамостојувањето, во Македонија се случија неколку авионски несреќи, но и природни катастрофи со голем број жртви. Последната, сообраќајната несреќа кај Ласкарци, е една од петте најтрагични.
На 24 јули 1992 карго авион Антонов 12 BK на Volga – Dnepar Airlines се урна на 26 километри југоисточно од Скопје, за време на приоѓање кон аеродронот. Авионот удри во планина близу селото Лисец. Во оваа несреќа животот го загубија осум лица.

На 5 март 1993 година, на полетување од Скопскиот аеродром, се урна патнички авион ФОКЕР 100 на компанијата Палер Македонија со 97 патници. Во несреќата загинаа 86 лица. Како причина за падот на Фокерот е тоа што крилјата на воздухопловот не биле одмрзнати, што довело до негов дефект и паѓање. Како чин на морална одговорност, тогашниот министер за транспорт и врски, Антони Пешев си поднесе оставка. Од тогаш, до денес, ниту еден министер не поднесе оставка од морални причини.

Осум месеци подоцна, на 22 ноември истата година кај охридскиот аеродром, се случи и втората авионска несреќа. Патнички авион „Јак-42Д“ на Авиоимпекс се урна поради грешка на пилотот – загинаа 115 луѓе, само еден преживеа. Авионот беше на рута од Женева до Скопје каде што требаше да слета. Меѓутоа поради лошите временски услови беше пренасочен кон Охридскиот аеродром на принудно слетување. Се урна во блиската Тројани-планина.
На 18 септември 1995 авион Антонов 2R која беше ангажиран во гасење пожари се урна во близина на Скопје. Загинаа два члена на екипажот.
На 17 март 2001, во текот на воениот конфликт во Македонија, воен хеликоптер МИ-17 удри во бетонски столб на Попова Шапка. Загинаа пилотот и инженерот, а десетина војници беа повреди.
На 12 јануари 2008 хеликоптер на АРМ се урна кај месноста катлановско Блаце. Притоа загинаа 11 мировници на АРМ кои се враќаа од мисијата „Алтеа“ во БиХ.
На 28 август 2008 година, авион од типот Цесна се урна во месноста Скребатно кај с. Лескоец, во близина на Охрид. Во несреќата животот го загубија пилотот и тројца патници во авионот. Избегната е поголема катастрофа, бидејќи авионот удри во автомобил во кој имало и дете, кое освен претрпен шок, немаше повреди. Очевидци велат дека авионот летал ниско, имал неправилна работа на моторот, по што се урнал најверојатно обидувајќи се да ја избегне толпата.
На 5 септември 2009 година, во 10:30 часот, потона бродот „Илинден“, кој со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум, при што загинаа 15 туристи од Бугарија. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
На 4 август 2015 година, во невремето и поплавите во Тетовско, 6 лица загинаа од наноси во селото Шипковица. Меѓу жртвите беа и две деца.
На 6 август 2016 година, во трагичните поплави во Скопско, загинаа 22 лица, од кои најмладата жетва имаше две години.
На 13 февруари 2019 година, во автобус на компанијата „Дурмо Турс“ излета од патот кај Ласкарци, на патот Скопје – Тетово. Загинаа 15 луѓе, а над 30 се повредени. Се уште трае истрагата за причините за трагедијата.










