Неколку семејства од Шипковица ги напуштаат своите домови, каде нема никакви услови за живот. Големите наноси од камења земја и дрвја, кои се струполија во Шипковица по големото невреме затрупаа неколку куќи во селото, каде мртви беа пронајдени 2 малолетни деца и еден повозрасен човек. Се трага и по уште едно 6 годишно дете, кое се наоѓа под урнатините на куќите.Мештаните велат дека се се случило за 15 минути.
– Вчера доцна попладне започна да дува силен ветер и да врне пороен дожд. Поради тоа сите жители влегоа во нивните домови. За многу кратко време реката која поминува низ нашето село, започна да носи земја и големи камења, кои излегоа од речното корито и директно завршија во 20 – тина куќи. Од силните удари неколку од нив се урнаа а неколку се срамнија со земја. Шипковица доживеа голема трагедија со неколку жртви, изјави преставник од Месната заедница на селото.

Од Кризниот штаб на Шипковица, не се задоволни од интервенцијата на надлежните во расчистувањето на наносите од камења и земја.
– Синоќа дојдоа преставнци од Општина Тетово и од Влада, но само формално, цела ноќ тука не се работеше. Денеска дојде војската и преставници од Дирекцијата за заштита и спасување. Започна со механизација да се расчистуваат наносите, но некако бавно и стихијно. Треба да се забрза работата, затоа што потоа треба да се поправи водоводната мрежа, кај која има голем дефект. Моментално сме без вода за пиење, се уште не се пристигнати цистерните со вода, купуваме од маркетите, флаширана вода, но таа не е доволна, изјавија од Кризниот штаб.
Проблемите од невремето не би биле толку големи, доколку би било регулирано речното коритот на реката, тврдат од месната заедница.
– Долж Шарпланинскиот масив има многу реки и потоци, кои не се регулирани, немаат корита и водата слободно тече по падините на Шара. И реката која поминува низ нашето село нема направено соодветно корито, па поради тоа не можеше да ги прими наносите од камења земја, вели жител на Шипковица.
Мештаните од Мала Речица тврдат дека човечки фактор е причина за катастрофата која го погоди селото

Тетовска Мала Речица е целосно блокирана од големи наноси од камења и земја, кои поради невремето од Шарпланинскиот масив се спуштија во селото, оштетувајќи голем број домови, приватни погони и возила. Под урнатините жителите на Мала Речица се уште бараат повредени или загинати лица, откако синоќа во нивното село беше пронајдено мртво тело на малолетно лице, жител на Тетово. Од Месната заедница, изјавија дека градежниот шут кој неконтролирано се фрла над нивното село, се струполил во Речица и носел се пред себе, предизвикувајќи човечки загуби и огромна материјална штета.

– Градежен шут постојано се истура над нашето село. За овој проблем постојано сме упатувале апели до општинските и централните власти, кои немале слух, но сега веќе е доцна да се бара интервенција за оваа незаконита појава, трагедијата се случи, шутот се спушти во нашето село и уби дете, велат од Месната заедница од Шипковица
Инаку од сите 6 полошки општини само општина Желино има депонија за градежен шут, во останатите општини, шутот најчесто се фрла покрај реки и во планинските подрачја.
По 36 години повторно се излеа тетовската река Пена.
Пена направи пустош низ Тетово, поплави голем број домови а тротоарите, улиците и јавните површини се уште се во кал. Жителите кои живеат долж течението на реката, велат дека во неколку наврати упатиле барање да се чисти коритото на реката, но попусто.
– Пена после секој пороен дожд е пред излевање. Ова се случува поради тоа што општината не го чисти коритото на реката, кое е преполно со ѓубре а истовремено за да може коритото да прими поголеми количина на вода, треба да се извадат и наносите од песок кои со години се таложат во него, велат тетовци.

И експертите потврдуваат дека реката се излеала поради нејзиното нередовно чистење, но и дивоградбите кои го узурпираат коритото.
– Коритото не се чисти. Откако ќе заврне дожд, нивото на водата постојано е под само 10 сантиметри од мостот во долниот дел на градот. Голем проблем е што Мајор и Мијор коритото, кое треба да прими големи количини на води во случај на поплави како вчерашната се узурпири и се стеснува од разни градби, велу Универзитетскиот професор Вулнет Палоши.
Тој додава дека надлежните институции не ги одржуваат нитуи решткастите бетонски каскади, кои се наоѓаат во горниот дел од реката Пена, кон месноста Бањиче.
– Каскадите треба да ги спречат наносите од камења, да не се струполат во градот во случај на поплави, но тие не се одржуваат, целосно се уништени, па поради тоа можеме да забележиме дека во реката Пена невремето донесе големи карпи, кои за среќа не излетаа во некој дом или на јавна површина, рече Палоши.
Од Општина Тетово велат дека во рамки на можностите го чистат речното корито на Пена а планираат и реконструкција на решеткастите брани, но со финансиска помош од Министерството за животна средина.

Од временската непогода настрада и Општина Теарце, каде се поплавија куќи а се урна и камениот мост во село Доброште. Без струја останаа неколку села а поради излевање на Поројска река блокиран е Меѓународниот пат Тетово – Јажинце, возилата моментално се пренасочуваат по селските патишта.
Од Општина Тетово, велат дека ангажирале неколку приватни фирми, да ги расчистат погодени села и патишта од наносите од земја, камења и дрвја а со владина одлука, на семејствата кои се погодени од невремето, ќе им се додели еднократна парична помош.
Општина Тетово прогласи дводневна жалост, поради загубените животи во невремето кое го зафати тетовскиот регион.
.jpg)




