Судењето за предметот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство, што се однесува за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ е одложено за 7 март поради отсуство на обвинетиот Илија Димовски.
Судијата Осман Шабани, на почетокот информира дека обвинетиот Илија Димовски писмено на 13 февруари го известил Судот дека е спречен да присуствува на денешното рочиште, бидејќи како пратеник и шеф на собраниската делегацијата во Парламентарното собрание на НАТО ќе учествува на заеднички состанок на комитетите, што ќе биде одржан од 17 до 22 февруари во Брисел.
Бранителот на Илија Димовски, адвокатот Петар Василев треба да го извести неговиот клиент.
Во судница беа присутни останатите обвинети Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои беа спроведени од куќен притвор, како и обвинетиот Леко Ристоски.
Застапник на обвинението е Ленче Ристевска од Специјалното јавно обвинителство.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, по денешното судско рочиште, изјави дека се работи за политички прогон врз неговата партија.
– Јасно и недвосмислено се покажува фактот дека целиот овој политички процес е всушност политички прогон кон најголемата политичка партија во Македонија, рече Јанушев.
Прашан за признанието на вина од неговата сопартијка Елизабета Чингаровска, која доби условна казна затвор од две години, Јанушев рече дека не сака да коментира индивидуални изјави и од кои побуди е тоа направено.
Во „Талир“ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески за „злоупотреба на службенатта положба и овластувања“ и „перење пари“, а Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска се обвинети само за делото „перње пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.
Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.
На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина. Судот на21 декември ја осуди на двегодишна условна казна која нема да се изврши ако таа во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Kривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 постапувајќи по предлог на СЈО за „Талир“ на 28 ноември 2018 година донесе решение со кое го уважи предлогот и на обвинетиот Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија му определи мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на неговото пронаоѓање, односно лишување од слобода.
СЈО поднесе уште еден обвинителен акт за предметот „Талир“ што се однесува на незаконската изградба на седиштето на партијата.




