Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер денеска изјави дека „не е оптимист“ по прашањето Велика Британија да ја напушти ЕУ со договор, предупредувајќи дека неуспехот во преговорите ќе биде економски многу скап.
– Ако не се постигне договор, што не можам да го исклучам како опција, тоа би имало катастрофални економски и општествени последици за Британија и ЕУ, тие мои напори се насочени кон тоа да се избегне најлошото. Но, не сум оптимист по прашањето за овој проблем, изјави Јункер, кој вчера се состана со британската премиерка Тереза Меј.
Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ соопшти дека би можела да го намали рејтингот „АА“ на Велика Британија поради се поголемата несигурност во врска со преговорите меѓу Лондон и Брисел, а во случај на Брегзит без договор, британската економија може да влезе во рецесија.
„Фич верува дека Брегзит без договор би довел до значајни нарушувања во економијата и трговијата на Велика Британија, барем краткорочно“, се наведува во соопштението од агенцијата, во кое се додава дека е можно намалување на кредитниот рејтинг и на централната Банк оф Енгланд.




