Првите вознемирувачки вести за колегата Томислав Кежаровски пристигнаа на 28 Мај годинава. „Уапсен новинарот Кежаровски“ – со овие наслови се отвораа страниците на порталите, весниците, телевизиите. Првите неколку дена сите молчеа. Пристигнуваа куси или половични информации околу тоа кој за што е уапсен. Самото име на случајот, „Ликвидација“, звучеше застрашувачки.
Обвинителниот акт опфати оссумина обвинети за примање поткуп, злоупотреба на службената должност, неовластено оддавање информации за и податоци за сведоците, сорботниците на правдата и жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци. Последново му се припиша на нашиот колега Томислав Кежаровски. Повеќе судски предмети се преплетуваа во обвинението, а меѓу нив и контроверзниот случај „Ореше“ кој долги години нема никаква разрешница.
Судии, обвинители и адвокати седнаа на обвинителната клупа, а заедно со нив со лисици на рацете беше влечен и колегата новинар Кежаровски. Делото, или гревот му беше текст напишан пред околу 5 години. Накусо околу „гревовите“ на колегата; iстражувајќи го случајот „Ореше“, во текстот објавен во магазинот „Репортер92“ Кежаровски открива дека заштитениот сведок сведочеl лажно под присила на моќни полициски структури. Овој сведок не само што во тоа време нема статус на заштитен, туку само на загрозен, туку подоцна сведокот сам се разоктрива како лажен потврдувајќи ги написите на колегата.
По некои пет години, едно рано утро, новинарот сега веќе вработен во дневниот весник „Нова Македонија“, бидува приведен пред камери и во присуство на многу вооружени полицајци пред своето дете во плач.
Скандалозни притвори, немоќна фела
Следеше првиот притвор. Новинарите се собраа и излегоа на протест. Бараа колегата да се брани од слобода. Свирчињата и транспарентните пред Основниот суд 1 не го премислија судот. Не само што на колегата му беше продолжен притворот, туку Судот во соопштение го обвините новинарите дека „тие вршеле притисок врз судството“
-Најостро реагираме на вака воспоставената медиумска пракса за вршење притисок врз судот од страна на поединци и групи кои на овој начин злоупотребувајќи го медиумскиот простор преку таканаречени форми на слобода на изразување ..Со ваквото постапување од поединци и групи се прави упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите, се загрозува правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните, им порача Судот на новинарите.
Новинарите бргу им одговорија, наведувајќи ги сите домашни, регионални и светски организации кои се ставија во одбрана на човековите права и слободата на изразување и кои апелираа Кежаровски да се брани од слобода.
-Вашиот таканаречен притисок врз македонското судство деновиве не го прави иницијативниот одбор, туку ОБСЕ, делегацијата на ЕУ во Македонија, Меѓународната федерација на новинари, медиумските асоцијации од Европа, здруженијата на новинарите од регионот, ИФЕКС, „Репортери без граници“, Мрежата на медиумски организации на Југоисточна Европа, СЕМО… Доколку овие апели и барања не се стигнати до Основниот суд 1 преку медиумскиот простор што и тие го „злоупотребуваат“ со вакви изјави стоиме на располагање во секое време да ги доставиме до судот, му пиша Иницијативниот одбор на Судот.
Бадијала. Следеа уште многу нови продолжувања на притворот и уште повеќе ароганција. Се игнорираа и ОБСЕ и Меѓународната Федерација на новинари и Светскиот ПЕН и ЕК и Репортери без граници, Европската асоцијација на новинари и уште еден куп свестки и регионални институции и организации.
Но, најголемите шокови не чекаа во судницата, местото каде што независното функционарање и судската стручност требаше да ја демантира фелата на дело.
Си тераа судење по непостоечки закони
Судењето на обвинитетите во „Ликвидација“ беше закажано експресно, среде судска ферија. На 9 Август годинава. На самиот старт на првото рочиште изби скандал кога одбраната укажа дека обвинителката Лиле Стефанова покренала обвинителен акт по член од законот кој не постои од 2010 година и кој е преименуван. Непознавањето на измените во кривичниот законик не засрами никого од засегнатите. Судот прогласи пауза, а веднаш потоа судиите пресекоа во фазонот – па што има врска.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска иако констатираше дека дел од обвинението е покренато по неважечки член од закон, сепак оцени дека тие можат да постапуваат.
-Судот не е врзан со правната кфалификација, туки со описот на дејствијата, рече судијката.
Ова и уште многу други забелешки на одбраната беа одбиени. Повеќето од адвокатите се пожалија дека намале целосен увид во предметот, но и тоа беше бадијала.
По овој следеше нов скандал. За време на одбраната на првообвинитетиот Илија Танев се појавија дополнителни нејаснотии откако ниту судот ниту обвинителката не знаеја да одговорат зошто е споменат одреден предмет во обвинението ниту пак имаа копија од него како доказ, за на крај сето да се сведе на тоа дека е настаната некоја грешка која ќе се допровери. Обвинетиот судија реагираше дека иако се товари дека примал поткуп за да укине притвор на обвинети, тој за тоа дело притворот го нема укинато. По куса пауза, откако се констатираше дека е така, судијата постави прашање.
-Дали некогаш сте помислиле да го укинете притворот?“, беше прашањето по кое настана смеа во судницата, иако, благо речено, ситуацијата не беше баш за смеење.
Она што остави впечаток на сите рочишта е однесувањето на судиите и обвинителката. Во најголем дел од времето обвинителката Лиле Стефанова молчеше, односно најголемиот дел од прашањата наменети за обвинителите или сведоците ги поставуваше судот.
Едноставно, не можеше да се избегне впечатокот дека ним повеќе им прилегаше улогата на обвинители. Судиите, исто така, уште на првото рочиште ги одбиваа повеќето од прашањата на одбраната, особено кога не ред дојде онаа на колегата Кежаровски.
Првото прашање гласеше „дали непосредно пред определувањето на притворот на Кежаровски му била упатена некаква непристојна понуда“, на што судијата експресно викна „се одбива, не може“. Потоа стана друг адвокат од одбраната и рече дека ќе го преформулира прашањето кое овојпат гласеше „дали сте примале закани во врска со овој случај“, на што судиите повторно нервозно одговорија дека овие и сите слични прашања не се одобруваат.
Неговиот адвокат Филип Медарски се пожали дека се уште не му бил одобрен увид во записникот, на што му се придружија и останатите адвокати кои тврдеа дека не им бил овозможен увид во сите докази. А обвинија и дека истражниот судија и обвинителката селектирано им ги дале материјалите од специјалните истражни мерки спроведени во 2009 година.
Сведоците на обвинитилството ја поддржаа одбраната
Еден од најмаркантните испади на судството беше на едно од рочиштата, кога на судијата не му се допадна одговорот на сведокот предложен од обвинителството, одговор кој никако не одеше во прилог на обвинителниот акт, па вториот судија Ѓоко Ристов. видно изнервиран му се развика на сведокот со зборовите „Лажеш!“.
Оттука, тешко можеше да избегне тој впечаток дека судството наместо во интерес на расветлување на фактите и изнесување на вистината, се постави навивачки во однос на обвинителството.
Во добар дел сведоците на обвинителството ги поддржуваа исказите на обвинетите. Судиите во голема мера ги одбиваа барањата на адвокатите.
Груевски ја поучи и Мијатовиќ од ОБСЕ да верува во судството
Ќе остане запаметена и преписката помеѓу премиерот Никола Груевски и специјалниот претставник за медиуми на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ. Таа беше една од меѓународните претставници кои беа најактивни во апелите за ослободување на Кежаровски, па му пиша и на премиерот Никола Груевски. Тој на тоа и врати дека „ не се меша во судството кое е независно, и дека и таа треба да покаже верба во македонскиот независен судски систем“. Мијатовиќ на ова одговори во манир кој јасно го илустрираше мислењето на меѓународната заедница за „независноста“ на македонското судство.
Со Обединетите нации војуваа провладините медиуми
На покана на Владата на РМ во Скопје дојде и специјалниот известувач за слобода на медиуми на Обединетите нации, Франк Ла Ру. Нему му беше одбиено барањето да го посети Кежаровски во притвор. Ла Ру пред своето заминување одржа прес конференција на која ги изложи своите критични погледи во однос на медиумите во земјава. Само што замина, голем дел од провладините медиуми се појавивја со „истражувања’ кои докажувале дека Ла Ру е соросоид и платеник.
Неколку дена пред пресудата за Кежаровски, НОВА направи интервју со Ла Ру во кое тој повика на ослободување на новинарот.
Неговите повици, како и оние на десетици значајни меѓународни организации не вродија со плод. Кежаровски добри 4,5 години во затвор. Неговата горка судбина ја обележа и судбината на нашата земја – Македонија сега е единствента земја во Југоисточна Европа со новинар осуден на затворска казна заради напишан текст за злоупотреба на институтот заштитен сведок.
Оваа пресуда отвора уште едно значајно прашање – дали Македонија се уште може да се нарече земја која транзитира кој демократија или кон едно затворено општество по примерот на Белорусија.
П.С. Една слика ми остана врежана во паметењето и не знам дали некогаш ќе ја заборавам. На првото рочиште откако заврши судењето, а комбињата чекаа на задниот излез од судот да ги вратат притворените во Шутка, ќерката на Кежаровски сета уплакана се стрча кон едно од комбињата пред кое стоеше нејзиниот татко. На несреќното дете не му беше дозволено да го гушне татка си, небаре ќе избега нашиот колега пред портите на судот во присуство на еден куп вооружени полицајци. Толку за човечноста на поединци. Или за хуманоста на еден систем.