Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо, кој се самопрогласи за претседател и притоа доби поддршка од поголем број од западните земји, изјави дека денеска ќе се врати во Венецуела и ќе го предводи протестот против претседателот Николас Мадуро, поради што ризикува да биде уапсен од властите во Каракас, бидејќи минатата недела ја прекршил забраната за напуштање на земјата.
– Ако режимот се обиде да не киднапира, тоа ќе им биде последна грешка која ја направиле, порача Гуаидо, не откривајќи ја локацијата од која се обраќа.
Тој претходно преку Твитер ги повика граѓаните на Венецуела денеска во 11 часот по локално време да излезат на протестите, а неговото враќање во земјата го нарече „историски предизвик“.
Гуаидо, исто така, напиша дека граѓаните треба да ги следат неговите официјални соопштенија во кои ќе објави детали за состаноците со поддржувачите.
Тој во саботата престојуваше во Еквадор, како дел од турнејата низ Јужна Америка, настојувајќи да го зголеми притисокот врз претседателот на Венецуела, Николас Мадуро да поднесе оставка.
Според Гуаидо, Мадуро мора да замине од власт за да може Венецуела да се опорави од политичката и хуманитарната криза, но од друга страна, Мадуро вели дека Гуаидо е дел од заговорот против неговата Влада.
САД собираат коалиција за смена на Мадуро
Советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон изјави дека Вашингтон се обидува да собере што поширока коалиција за смена на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.
Тој истакна дека САД работат на тоа Мадуро мирно да ја предаде власта на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо.
– Многумина сфатија дека експериментите со Уго Чавез и Николас Мадуро пропаднаа и оти треба да бидат завршени. Затоа работиме на собирање што поголема коалиција за смена на Мадуро, посочи Болтон.
Медведев:
Рускиот премиер, Дмитриј Медведев изјави дека информациите од Вашингтон укажуваат дека политиката на соборување на непосакуваните влади повторно стана приоритет на САД.
– Од Вашингтон стигнуваат изјави за можна воена интервенција. На границите има провокации. Тоа е се многу алармантно и укажува дека политиката на соборување на непосакуваните влади во духот на Монровата доктрина повторно стана приоритет на САД, истакна Медведев во интервју за бугарскиот весник „Труд“, пред неговата посета на Софија.
Тој наведе дека Русија апелира до сите „јужноамерикански пријатели сериозно да размислат за тоа, без оглед на тоа каков став зазеле кон владата на Николас Мадуро“.
– Резултатот што Русија сака да го постигне е мир во Венецуела, а тоа може да се постигне само со национален дијалог, посочи Медведев.
Тој додаде дека сите кои се грижат за мирната иднина на Венецуела и на Јужна Америка би требало да помогнат.
– На наша длабока жалост, така наречениот непомирлив дел од венецуелската опозиција и понатаму е изложен на силно надворешно влијание. Всушност, поради тоа влијание тој дел од опозицијата е непомирлви, истакна Медведев.




