Специјалната обвинителка Катица Јанева е задоволна од Предлог законот за Јавно обвинителство кој вчера помина на владина седница, а со кој се регулира и работата на СЈО. И покрај фактот што „бомбите„ се укинуваат во новите истраги на СЈО, Јанева вели дека нема да има прекин во постапките.
„СЈО ќе продложи да работи во институциите на Македонија, доби неограничен мандат и протокот на предметите нема да заврши со ниту едно законско решение. Без разлика дали ние ќе работиме одредени предмети или Обвинителството за организиран криминал или Јавното обвинителство, сите предмети ќе бидат активни“, кажа специјалната обвинителка Катица Јанева на потпишувањето на Меморандумот за користење на системот за собирање и обработка на податоци за превенција и репресија на корупцијата и перење пари.
Со новото законско решение, СЈО повеќе нема да може да ги користи „бомбите“ како докази за предмети кои ги отворило по јули 2017 година, односно по истекот на рокот од 18 месеци од примање на прислушуваните разговори.
„Бомбите секогаш биле проблематични кога не беа признени од Судот како доказно средство и СЈО секогаш се трудело да прибави повеќе материјални докази или искази од сведоци за конкретните настани. Бомбите може појаснуваа одредени работи, но сметам дека и тој начин без бомби е предизвик за СЈО и ќе бидеме на висина на задачите“, рече Јанева.
На новинарско прашање, дали со новиот Закон може да се спаси некој од политичарите односно функционерите, ако „бомбите“ нема да бидат докази, таа рече дека се е можно.
„Може некој да се спаси, а може и некој дополнително да биде обвинет. Но, ние во суштина сме задоволни што ни се проширува надлежноста. Не сме ограничени само на бомбите, бидејќи во периодот што го анализиравме сметаме дека има и други прекршувања на Кривичниот законик. Така можеби сега во одредени предистраги ќе отвориме и многу покрупни предмети од овие што ги имаме“, кажа Јанева.
За предметот „Попис“ во кој е осомничен и лидерот на ДУИ Али Ахмети, Јанева кажа дека е во фаза на истрага
„Предлог законот не нуди скриена амнестија. Сите предмети кои се во фаза на истрага, предистрага, продолжуваат со новиот Закон со оглед на тоа што доказите кои се собрани остануваат валидни – материјалните докази од сите институции и ке бидат користени во судската постапка“, рече министерката за правда Рената Десковска.
Во однос на „бомбите“, Десковска кажа дека тие ќе бидат користени само во предметите кои СЈО ги покрена во рокот од 18 месеци и дека за ова прашање се консултирале и со странските експерти.
„Во консултации со странски експерти и со СЈО, дојдовме до заклучок дека практично во предметите што се отвораат по 18 месеци реално и нема неопходна потреба од користење на аудиоматеријалите како доказ, бидејќи тие се користени како индиција преку кои потоа СЈО доаѓало до други докази што можат задоволително да послужат за докази во судските постапки. Од тие причини нема да има нарушување на квалитетот на водењето на судските постапки ако не се користат во овие постапки овие аудио материјали, рече Дескоска.
„Бомбите“ остануваат докази за предметите на „Т“
Во првите 18 месеци од формирањето, СЈО покрена дваесетина истраги кои резултираа со обвиненија за исто толку предмети, а за кои заедничко е тоа што сите почнуваа на „Т“ и за Насилство во Центар.
„Титаник“ за злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања,
„Тврдина – Таргет“ за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување,
„Транспортер“ за злоупотреба на службена положба и овластување,
„ТНТ“ за злоупотреба на службена положба,
„Титаник2“ за злоупотреба на службена положба и овластување и за примање награда за противзаконито влијание,
„Титаник 3“ за уништување на изборен материјал,
„Тортура“ за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување,
„Тврдина2“ за фалсификување на службена исправа,
„Трезор„
„Топлик“ за злоупотреба на службената положба,
„Тендери“, „Тарифа“, „Тенк“, „Труст“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“, „Траекторија“ и „Тревник“.
Пресуди досега се изречени за „Тенк“- издвоениот предмет за Јанкуловска е на Апелација,за „Тифани“, „Труст“ – предметот е на Апелација и за „Триста“.
Со новиот закон, СЈО нема да може да ги користи бомбите за истрагите „Попис“ (во кој е осомничен Али Ахмети), „Пациент“ (Бујар Османи), „Талир“ ( за раководството на ВМРО ДПМНЕ), „Подарок“ (за екс министерот за финансии Зоран Ставрески), „Моќник“ (во кое е осомничен Антонио Милошоски) и „Империја“, во кој осомничени се Сашо Мијалков, Орце Камчев, Цветан Панделески и други. И за
Јанева: За „Империја“ имаме и други докази
За одлуката на Врховниот суд да ги ослободи од куќен притвор осомничените во „Империја“ Јанева смета дека е најважно што СЈО има доволно докази по предметите за да се продолжат истрагите и одредени предистраги на кои се работи за овие лица и најави дека може да бараат притвор за одредени лица осомничени во Империја за други предмети.
„Можеби во иднина и во најбрз можен рок, ќе побараме по други предмети одредени мерки за определени лица, рече Јанева одговорајќи на прашањето дали за Мијалков ќе побраат притвор за друг предмет ако биде ослободен од Врховниот суд за случајот „Империја“.
Таа потврди дека се сретнала со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на негова иницијатива, и рече дека го замолила да го поддржи законот за специјалното јавно обвинителство. Негираше дека имало какви било уцени и закани.
Новиот Закон за Јавно обвинителство нема поддршка од 80 пратеници
За новиот Закон за Јавно обвинителство, Владата нема поддршка од 80 пратеници за да биде изгласан. Министерката за правда кажа дека било разговарано на повеќе нивоа, со различни луѓе, кои се во Парламентот и кои треба да го обезбедат двотретинското мнозинство.
„Навистина имаше отпор за користење на аудиоматеирјалите, но, исто така, имаше и одредени предлози за формулации што на некој начин ќе значат почнување на судските постапки од почеток.Таква опасност со овие одредби нема рече Дескоска.
„Време е да оддржиме лидерска средба. Едно заради реформите и реформските закони во Собранието, второ, претстојните претседателски избори кои доааѓат. И трето, вредно е да се разговара за било кое отворено прашање. Верувам дека во најскоро време ќе се одржи лидерската средба, како одговара и за шефот на опозицијата“ кажа Заев.
Новиот Закон за јавно обвинителство треба да биде усвоен од Собранието во средината на март.