Еколошкото здружение Еко герила денеска презентираше испитувања на почвата во тетовско кои покажале дека делови се загадени со арсен два и пол пати над дозволените вредности.
-Арсенот е најден во зелката, компирот и во други градинарски култури, што укажува на тоа дека овие култури ги апсорбираат штетните супстанци што постојат во почвата како резултат од долгогодишно загадување, додека пак во тетовското јаболкото арсен не е најден, вели Кире Кочов од здружението „Вила Зора“, кое заедно со Еко герила го спровеле истражувањето.
Висока концентрација на арсен е откриен во примероци на почва и на земјоделски култури земени од нива во околина на „Југохром“ во Јегуновце, додека останатите испитувани вредности, меѓу кои и концентрацијата на олово биле во рамки на нормала. Арсен над дозволеното бил најден и во мостри земени од површини во самиот град Тетово, во близина на училиштето „Кирил и Методиј“.
Универзитетскиот професор Бесник Реџепи вели дека арсенот е поврзан со сите болести на човекот, кој тешките метални ги апсорбира преку зеленчукот кој се одгледува на загадена површина.
Истражувањето е поддржано од УСАИД и ќе продолжи да се спроведува и на други локации во тетовскиот, скопскиот и кавадаречкиот регион.