Промоција на новиот албум на македонскиот бенд „Шутка рома рап“, Me sijum underground („Јас сум андерграунд“) кој се искачи на високото осмо место на една од најпрестижните топ-листи за етно-музика World Music Charts Europe.
Промоцијата ќе се одржи утре (25 октомври, петок) во 13 часот во кафулето „Менада“ во Стара чаршија.
Цедето е објавено под етикетата на унгарската издавачка куќа „Фоно“, со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, а се работи за второ издание на групата составена од рапери од населбата Шуто Оризари и ромски инструменталисти.
Me sijum underground е снимен во живо во студиото на Мите Димовски со што се доловува автентичниот звук на овој бенд кој е препознатлив по енергичните настапи.
„Шутка рома рап“ веќе има еден албум зад себе, „Шутка моето родно место“ кој пак се најде на 15-тата позиција на топ-листата World Music Charts Europe која се формира според гласовите на радио диџеи од 24 европски земји.
По успешната летна концертна серија и настапите на гигантскиот фестивал „Сигет“ во Будимпешта, „Похода“ во Словачка, „Друга годба“ во Љубљана и во музичката програма на филмскиот фестивал „Мотовун“ во Хрватска, „Шутка рома рап“ го претставува Me sijum underground во Скопје.