Published: Monday, March 11, 2019 08:43
Авиокомпанијата „Етиопиан ерлајнс“ ја приземји флотата од Боинг 737 Макс авиони по вчерашната несреќа со овој тип авион во која загинаа 157 лица.
Компанијата издаде соопштение во кое се вели дека ваквиот чекор е преземен како „дополнителна безбедносна мерка за претпазливост“ по вчерашната фаталната несреќа.
– Иако сé уште не ја знаеме причината за несреќата, моравме да одлучиме да ја приземјиме таа флота како дополнителна мерка на безбедност, се истакнува во соопштеието.
И кинеската администрација за цивилно воздухопловство соопшти денеска дека се приземјени речиси 100 авиони „Боинг 737 Макс 8“, кои се повеќе од една четвртина од вкупната авио флота.
Ниту една друга компанија засега не соопшти дека ќе ги приземји своите „Боинг 737 Макс 8“.
До крајот на јануари „Боинг“ на купувачите им испорачал 350 авиони „Боинг 737“. Тоа беше втора несреќа со „Боинг 737“ – во октомври лани кога индонезиски авион од истиот тип се урна 13 минути по полетување од аеродромот во Џакарта. Тогаш загинаа 189 патници и членови на екипажот.




