Пилотот на „Етиопиан ерлајнс“ имал потешкотии со управувањето со авионот непосредно пред да се урне авионот Боинг 737 Макс 8 и побара да се врати во базата, изјави извршниот директор на авио-компанијата Теволде ГебреМариам, во врска со авионската несреќа што се случи во неделата при што загинаа сите 157 патници и членови на екипажот.
Авионот се урна шест минути после полетувањето од аеродромот во Адис Абеба кон Кенија.
– Пилотот доби одобрување за враќање, но набрзо исчезна од радарот, посочи ГабреМариам.
Во изјава за Си-Ен-Ен тој рече дека сите пилоти на „Етиопиан ерлајнс“ имале дополнителна обука за постапките за време на летот, која вклучувала и информации за процедурите воведени по падот на Боинг 737 Макс 8 на компанијата „Лајон Ер“.
ГабреМариам побара компанијата Боинг да ги приземји сите свои 737 Макс 8 авиони сè додека не се утврди дека се безбедни за лет.
Пилоти се жалеле на безбедносните механизми на авионите Макс 8
Во меѓувреме и американскиот весник „Њујорк пост“ објави дека повеќе месеци пред несреќата во Етиопија пилоти се жалеле на федералните власти во САД за авионот Боинг 737 Макс 8.
Поплаки поднеле пилоти кои биле на летови во октомври и ноември 2018 година и биле регистрирани во федералната база на податоци, објави „Далас морнинг њуз“.
Сите преставки се однесуваат на „безбедносниот механизам“, кој беше наведен и во Прелиминарниот извештај за истрагата за несреќата во Индонезија во октомври.
Тие се однесувале на проблемите со авионот Макс 8, кој користи автопилот при полетување.
Пилотите велат дека авионот одеднаш без никаква причина при полетувањето понекогаш го вртел „носот“ кон земја.
– Фактот што овој авион бара толку работа за да биде во лет-состојба е дефинитивно предупредување, навел еден од пилотите во жалбата.
Црните кутии ќе се анализираат во странство
Портпаролот на „Етиопиен ерлајнс“ денеска изјави дека црната кутија од Боингот 737 Макс 8 ќе биде испратена на анализа во странство, но оти се уште не е одлучено во која земја.
Портпаролот Асрат Бегашав изјави дека Етиопија нема капацитети да ги анализира снимките од последните параметри на летањето и разговорите на пилотите од кабината, но оти етиопската компанија има широк спектар можности каде би можела да ја испрати црната кутија.
Ова е втора несреќа на авион на Боинг од типот 737 Макс 8 во изминатите пет месеци. Во октомври, Боинг 737 Макс 8 на Лајон Ер се урна неколку минути по полетувањето од Џакарта, Индонезија, при што загинаа сите 189 патници и екипажот.
Австралија, Етиопија и Кина ги приземјија авионите од овој тип во нивните флоти.




