Американскиот Федерален суд го одби барањето за 44 невакцинирани деца да се вратат во училиште, повикувајќи се на „невидената епидемија на сипаници“ во Рокланд во државата Њујорк.
Родители на ученици во училиштето Грин Медоу Валдроф во Чеснат Риџ поднесоа тужба против окружниот Секретаријат за здравство и тврдат дека ниту едно од децата исклучиени од училиште поради тоа што не биле имунизирани, не добило сипаници.
Истовремено, педијатриските организации изразија поддршка за предлогот малолетни лица да можат да се вакцинираат без согласност на нивните родители.
Вчера и Италија донесе одлука, децата кои не можат да докажат дека се вакцинирани, нема да можат да посетуваат училишна настава, се додека не се вакцинираат, јави Би-Би-Си.
Родителите на невакцинираните деца на возраст меѓу шест и 16 години, доколку сепак ги испратат децата во училиште, ќе треба да платат казна до 500 евра, бидејќи ним не може да им се забрани да одат на настава. Децата под шест години ќе бидат вратени назад, односно нема да бидат примени во јасли или градинка.
Крајниот рок за потврда за вакцинација измина завчера, по едно одложување.




