Една четвртина од сите предвремени смртни случаи и болести ширум светот се должат на загадувањето и уништувањето на животната средина, објавија Обединетите нации најновиот извештај The Global Environment Outlook (GEO), работен шест години, во кој учествуваа 250 научници од 70 земји.
Во него се предупредува дека главни за епидемијата ширум светот се смртоносните емисии на штетни гасови, хемикалиите кои ја загадуваат водата за пиење и забрзувањето на уништувањето на екосистемите, кои се од клучно значење за живот на милијарди луѓе.
Ова се последици на растечки јаз меѓу богатите и сиромашните земји – неконтролираната преголема потрошувачка, загадувањето и отпадот од храна во развиениот свет доведува до глад, сиромаштија и болести на друго место.
Постои зголемен политички консензус дека климатските промени претставуваат ризик за милијарди во иднина, но што реално се презема.
И Скопје дел од Fridays For Future
Утре, 15 март, во околу 100 држави во светот, младите ќе ја напуштат наставата и ќе се приклучат во глобалниот марш преку иницијативата Fridays For Future со кој ќе побараат од своите влади посериозни акции за справување со климатските промени. Меѓу нив се и младите во Скопје кои напладне ќе протестираат пред Владата.
-Обединети ќе се кренеме на 15 март и уште многу пати потоа, се додека не ја видиме климатската правда. Бараме лидерите во светот да ја преземат одговорноста и да ја решат оваа криза. Вие не успеавте во минатото. Ние ќе ја смениме судбината на човештвото, без разлика дали ви се допаѓа или не. Ние сме безгласната иднина на човештвото … Ние нема да прифатиме живот во страв и уништување. Имаме право да ги живееме нашите соништа и надежи, се вели во отвореното писмо на организаторите и активистите, објавено на 1 март во весникот Гардијан.
Она што овој протест го прави уникатен и го издвојува од многуте по истиот повод и организирани од светски познати организации е тоа што Fridays For Future е крик на гнев на младите.
И се започна од Грета Тунберг, 16-годишно девојче од Шведска со нејзиниот соло-протест во август минатата година. Таа прво ја разбуди свеста кај своите родители и предизвика целосен пресврт во фунјкционирањето на нејзиното семејство. Нејзината мајка, Малена Ерман позната оперска пејачка се откажа од својата меѓународна кариера поради влијанието на авионите врз климатските промени.
-Грета нѐ присили да ги промениме нашите животи, вели нејзиниот татко Сванте. “Немав никакви познавања за климата, за промените. Почнавме да се интересираме, да ги читаме сите книги што таа ги читаше“.

Првите критики дошле од нејзините наставници. Но таа им се спротивставила сотоа што и покрај што штрајкувала, редовно ги исполнувала своите школски задачи.
-Таа треба да биде во училиште, не можеме да го негираме тоа. Но, ние го почитуваме она што таа сака да го направи. Таа може да седи дома и да биде несреќна или може да протестира и да биде среќна, вели нејзиниот татко.
Грета е девојче со Аспергеров синдром. Но таа оваа состојба не ја смета за хендикеп, туку како дар што и помогнал да стане свесна за климатскиот геноцид.
Нејзиниот говор на конференцијата на ОН за климатски промени во Катовице, Полска лани во декември, ги занеме светските лидери и лидерите на некои од најпознатите светски движења.
– Вие зборувате само за зелен економски раст, бидејќи сте премногу исплашени да бидете непопуларни. Вие зборувате само за движење напред со истите лоши идеи со кои нè вовлековте во овој хаос, дури и кога единствената разумна работа е да се повлече сопирачката за итни случаи. Вие не сте доволно зрели да го кажете тоа онака како што е. Дури и тој товар ни го оставате на нас децата.Но, мене не ми е грижа дали ќе бидам популарна. Се грижам за климатската правда и за Планетата. Нашата цивилизација е жртвувана за можноста на многу мал број луѓе да продолжат да прават огромни суми пари. Нашата биосфера е жртвувана, така што богатите луѓе во земји како мојата да можат да живеат во луксуз. Луксузот на малкумина се плаќа со страдања на многумина, им порача малата Тунберг.
-Додека не започнете да се фокусирате на она што треба да се направи, наместо она што е политички можно, нема надеж. Не можеме да решиме криза без да ја третираме како криза. И ако е толку невозможно да се најдат решенијата во рамките на системот, тогаш можеби треба да го смениме самиот систем. Ние не дојдовме овде за да ги молиме светските лидери да почнат да се грижат. Вие не игнориравте во минатото, и повторно ќе нè игнорирате. Дојдовме овде за да ве известиме дека промената доаѓа, без разлика дали тоа ви се допаѓа или не. Вистинската моќ им припаѓа на луѓето, порача Тунберг.
Магазинот „Тајмс“ ја прогласи Турнберг за еден од највлијателните тинејџери за 2019 година, а тројца норвешки пратеници ја предложија 16-годишната активистка за Нобелова награда за мир.
– Ја номиниравме Грета бидејќи заканата од климатските промени може да биде една од најважните причини за војна и судири, истакна парламентарецот Фреди Андре Уевстегард, истакнувајќи дека големото движење кое Грета го започна е „многу важен придонес за мирот“.
Што е #FridaysforFuture
Младинските протести за климатска правда не се централно организирани и пријавувањето е преку FridaysForFuture.org. Досега има најавено речиси 500 настани што ќе се одржат на 15 март во голем број земји, што го прави најголемиот протест досега.
#FridaysForFuture е граѓанско движење кое започна со повикот на @GretaThunberg за училишни протести.
-Децата се обврзани да одат на училиште. Но, со се поголемото климатското уништување, оваа цел да оди на училиште почнува да станува бесмислена. Зошто да учат за иднината, која можеби ја нема? Зошто да вложуваат толку многу напор за да се образувани, кога нашите влади не ги слушаат образованите?
Повикот на Грета е да се штрајкува во најблиската градска сала, секој петок.

-Ние, младите, сме длабоко загрижени за нашата иднина. Човештвото во моментов го врши шестото масовно исчезнување на видовите, а глобалниот климатски систем е на работ на катастрофална криза. Нејзините разурнувачки влијанија веќе се почувствувани од милиони луѓе низ целиот свет. Сепак, ние сме далеку од постигнување на целите на Парискиот договор…
Ние повеќе нема да ја прифатиме оваа неправда. Бараме правда за сите минати, сегашни и идни жртви на климатската криза, и затоа го креваме нашиот глас. Илјадници од нас излегоа на улиците во изминатите недели низ целиот свет. Сега ќе ги слушнеме нашите гласови. На 15 март ќе протестираме на секој континент.
Конечно треба да ја третираме климатската криза како криза. Тоа е најголемата закана во историјата на човештвото и нема да ги прифатиме неактивностите на светските одлучувачи кои ја загрозуваат целата наша цивилизација. Ние нема да прифатиме живот во страв и уништување. Имаме право да ги живееме нашите соништа и надежи. Климатските промени веќе се случуваат. Луѓето умираа, умираат и ќе умрат заради тоа, но можеме и ќе го запреме ова лудило, се вели во манифестот на #FridaysforFuture како најава на утрешниот светски протест на младите за климатска правда.