Бројот на загинатите во вооружениот напад во холандскиот град Утрехт е тројца, а деветмина се повредени, соопшти градоначалникот на овој град Јан ван Занен.
Напаѓачот кој утрово пукаше во трамвајот, според полицијата е со турско потекло и тој се уште е во бегство.
Главен осомничен за нападот, според полицијата е 37-годишниот Турчин, Ѓокман Танис, но не е исклучена можноста дека пукале неколку лица.
Неколку часа по нападот, според локалната полиција, се слушнале истрели на неколку локации во градот. Истрели имало и во близина на џамијата во Утрехт.
-Нашата земја денеска е погодена од нападот во Утрехт. Полицијата и обвинителството утврдуваат што точно се случило. До сега знаеме дека е пукано врз луѓе во трамвај во Утрехт, при што има повредени, а можно е да има и загинати, истакна премиерот на Холандија, Марк Руте.
Припадници на антитерористичката единица опколија една зграда под претпоставка дека таму се крие напаѓачот.
Поради нападот во Утрехт затворени муслиманските храмови, но и универзитетите и училиштата во другите холандски градови.
Претходно, портпаролот на холандската полиција Јост Ланшаге изјави дека се чини дека се работи за терористички напад.
Германската полиција соопшти дека го засили надзорот на границата со Холандија по вооружениот напад во Утрехт.
Портпаролот на сојузната полиција во покраината Северна Рајна Вестфалија, Хајнрих Онштајн изјави дека се распоредени дополнителни полициски сили да ги надгледуваат не само главните автопатишта, туку и помалите премини и железничките траси.
Тој додаде дека сојузната полиција е во постојан контакт со властите во Холандија, како и дека имаат опис на напаѓачот.
Претходно, германските власти соопштија дека трагаат по црвено „Рено клио“, но подоцна автомобилот е пронајден напуштен во Утрехт.





