Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје ги објави првите пет тома од проектот Избрани дела од академик Луан Старова во 12 тома. Петтомникот ги содржи култните романи од „Балканската сага“ на Луан Старова: „Тврдина од пепел“, „Патот на јагулите“, „Ервехе“, „Времето на козите“ и „Атеистички музеј“.
На литературната сцена Луан Старова се појави во почетокот на шеесеттите години на минатиот век и својот книжевен опус го создава на македонски, албански и француски јазик. Неговите дела со голем успех се објавуваат на повеќе јазици во Европа и светот.
Проектот „Балканска сага“ во 12 тома издавачот „Дијалог“ го покрена по повод 50-годишнината од литературната дејност на Луан Старова и 70 години живот. Уредник на проектот е Веле Смилевски, а секоја книга е опремена со предговори и поговори од истакнати македонски и светски критичари и есеисти, меѓу кои Едгар Морен, Георги Старделов, Матеја Матевски, Морис Друон, Гане Тодоровски, Ристо Лазаров, Леон Сонвил, Елизабета Шелева и други.
Издавачот „Дијалог“ најавува скорешно објавување на уште три тома од „Балканската сага“ со што на книжарските витрини ќе се појават и романите „Татковите книги“, „Балкански клуч“ и „Балканвавилон“. Од дванаесетте книги единствено романот „Балканвавилон“ ќе го има своето прво издание како клуч во творечкото толкување на идеите врз кои се потпира богатиот опус на академик Луан Старова.