Извршителите годинава ќе ја заокружат со помалку реализирани предмети, а наплатата, велат, и натаму ќе се намалува. Нивниот број се редуцира зашто повеќето не гледаат просперитет во оваа дејност, објавува МИА.
Како што велат од Комората на извршители, до крајот на 2013 се очекува и некои извршители да отидат под стечај.
– Барањата за наплата растат, но реализацијата се намалува. Во 2006 година бројот на примени барања беше 6.335 од кои се реализираа 43,41 отсто, додека лани, од вкупно 164.055 барања, реализирани се 25,74 проценти, вели за МИА, претседателот на Комората Гордан Станковиќ.
Најчести должници се физичките лица во делот неплатени сметки за струја, греење, вода и телекомуникациски услуги, како и во однос на банките.
– Од вкупно реализираните 78,9 милиони евра годинава, 666 милиони денари се наплатени од државните органи, општините и јавните претпријатија, 3,2 милијарди денари се од правни лица и 1,57 милијарди од физички лица, информира претседателот.
Кај граѓаните должници доминираат оние кои не можат, а не оние кои не сакаат да го подмират долгот.
Праксата покажува дека извршувањето против физичките лица најчесто се реализира со блокада на сметка и блокада на плата или со запленување подвижни предмети. Притоа, извршителот одлучува кое средство ќе се преземе, но може да предложи и доверителот, оној што бара услугата, зашто тој ги авансира трошоците за целата постапка.
– Најчести средства за извршување во вакви случаи се блокади на платите преку работодавачите или на сметките во банките,… Кога се применува заплена, од домовите на должниците граѓани се зема мебел, клима, возило, бунди или канцелариска опрема и машини од правните лица, рече Станковиќ.
Ова средство на наплата, додаде, не дава добар резултат зашто граѓаните дома многу ретко имаат движни предмети со голема вредност, а и самото извршување создава трошоци што ја отежнува наплатата.
Во вакви случаи е многу важно, ако некој граѓанини издава стан, соба, куќа под кирија, во договорот да наведе што точно остава на располагање зашто е можно токму потстанарот да е должник, па ако од него се наплатува, на газдата ќе му бидат одземени одредени вредни предмети.
Извршителите велат дека при реализацијата на предметите имаат големи трошоци. Во еден од нив, извршителот требало да плати 10.000 евра само за ангажирање полицајци.
Во Македонија моментно работат 97 извршители. Од 2006 година досега најголемата сума што ја наплатиле била 9,5 милиони евра. Најголем број предмети, пак, се во вредност до 1.000 евра.
Според извршителите, застарени сметки, и по 10 години, може да им доспеат за наплата на граѓаните.