Антикорпуциската комисија на својата веб страница објави електронска пријава која ќе можат да ја пополнат сите граѓани кои ќе сакаат да пријават злоупотреби во текот на изборната кампања.
„За да се покрене случај, не е доволен само збор туку ќе треба да се приложат и конкретни докази како фотографии или изјави од сведоци, доколку станува збор за злоупотреба на државни ресурси за изборна кампања“ рече претседателката на Антикорупциската Билјана Ивановска.
Антикорупциската комисија на веб страницата објави и регистар на сите службени возила кои можат да се пребаруваат по регистарска таблица и кои исто така можат да се пријават доколку граѓаните забележат дека државни возила се користат во партиска кампања.
Од Антикорупциската комисија потсетуваат дека во предизборниот период не смее да се почне било каква изградба со пари од буџетот, не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства што не се редовни месечни исплати, а не може да почне ниту постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции.
Антикорупциската комисија ќе го следи и финансирањето на изборните кампањи на партиите. Оваа година за првпат партиите ќе добијат пари од буџетот – по 110 денари за секој глас.
Досега не е поднесена пријава за евентуални злоупотреби на изборната кампања.