Кандидатот за градоначалник Екрем Имамоглу од опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), кој освои најмногу гласови во најголемиот турски град, Истанбул, денеска побара официјално да биде прогласен за победник на изборите, што се одржаа во неделата, нарекувајќи ги приговорите „срамни”.
По пребројувањето на 100 отсто од гласачките ливчиња, Екрем Имамоглу победи во Истанбул со 48,79 отсто од гласовите.
Тоа се неофицијални резултати, но мора да бидат потврдени од страна на Изборниот совет.
– Сакаме правда, сакаме Изборниот совет да ни даде официјален мандат, рече Имамоглу на прес-конференцијата во Истанбул, додавајќи дека „Истанбул нема уште една минута за губење”.
Губењето на Истанбул и главниот град Анкара, со кои владееа исламските конзервативци веќе 25 години, е голем неуспех за АКП.
Истанбул е економски центар на земјата и е дом на една петтина од турските гласачи. Тоа е град во кој израснал претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој во 1994 година беше избран за градоначалник.
Кандидатот за градоначалник на АКП за Истанбул, Бинали Јилдирим освои 48,52 отсто гласови.
Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган поднесе жалба на резултатите од локалните избори во сите 39 окрузи во Истанбул, откако според преброените гласови, победи кандидатот на Републиканска народна партија (ЦХП).
Турските изборни власти почнаа повторно да ги пребројуваат гласовите во повеќе избирачки места во Истанбул, по приговорите на Партијата на правдата и развојот (АКП) на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.
АКП ги оспорува резултатите од локалните избори во Истанбул одржани во неделата, на кои според првичните и неофицијални резултати, кандидат за градоначалник на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП, Екрем Имамоглу освои околу 25.000 гласови повеќе од поранешниот премиер и кандидат на владејачката партија Бинали Јилдирим,
– Одлучено е да се пребројат гласовите во 39 окрузи во Истанбул, откако вчера беа поднесени преговори од владејачката АКП, изјави претседателот на Високата изборна комисија, Сади Ѓувен.
Ѓувен нагласи дека повеќето од преброените ливчиња биле класифицирани како неважечки по изборите во неделата.




