Апсолутно Владата го осудува секој говор на омраза во Република Северна Македонија без разлика дали е искажан на социјални медиуми, на трибини, на конгреси, на прес-конференции, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
-Секогаш сме го осудувале говорот на омраза и во овој случај го осудуваме, потенцираше Бошњаковски, на новинарско прашање за говорот на омраза од поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија реис Сулејман Реџепи упатен на церемонија на поставување камен темелник на џамија за што тој на својот Фејсбук профил објави видео.
Хелсиншкиот комитет за човекови права вчера поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи за ширење говор на омраза од поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи.
-Користењето говор на омраза од страна на вршител на висока верска функција и човек со големо влијание во јавноста е особено опасно и недозволиво. Во една мултиетничка и мултиконфесионална држава, верските лидери треба да се свесни за својата улога и да дејствуваат во духот на толеранцијата и соживотот, а не да иницираат и разгоруваат нетрпеливост и омраза. Од тие причини, побаравме од МВР веднаш да постапи по оваа пријава и да ги преземе сите мерки согласно законските прописи, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.




