Низ социјалните мрежи во Македонија можете најдобро да го разберете феноменот на Црната дупка и нејзината фотографија која ја напиша историјата, после нејзиното објавување оваа недела. Така, некаде прочитав дека ”секоја будала може да излезе на прес конференција со вакви бројки. Ниту може да се провери, ниту да се докаже, а ниту да се повтори. # МлатењеПразнаСлама!!!”.
Овие бројки за кои говори огочениот автор се однесуваат на големината на Црната дупка- 40 милиони километри, на 500 милиони трилиони километри оддалечена и објаснување на фотографијата- тоа е светлина на која и требале 55 милиони години да стигне до Земјата.
Но, тоа не е се. Потоа, следуваат дополнителни теории од научната база распослана низ македонските социјални мрежи, кои аплаудираат на најновата теорија на авторот за Млатењето на празната слама, повикувајќи ја НАСА не само да се засрами, најмалку само тоа може да го направи. Наредбата е ригорозна, резолутна и неодложна.
Најпрво, побарано е НАСА јавно и понизно да се извини за млатењата, особено на празната слама која во овие краишта е особено популарна и се прежива при секое донесување на политички историски одлуки. После ваквите одлуки, човештвото распознавајќи ја македонската црна дупка како неприкосновена, има дополнителен мотив и сила да продолжи самостојно по патеката на Млечниот пат, отстранувајќи ја од сите можни орбити оваа земја, како крајно непожелна и сериозно опасна за каква било комуникација од блиска врста.
Останатите предлози на научниот борд на македонските социјални медиуми се еднакво релевантни и неприкосновени, што подразбира итност и аларм за нивно имплементирање: НАСА уште вечерва да се самораспушти, ако уште вчера тоа не го сторила, по ѓаволите.
Да се самораспадне, ако уште на самите почетоци, во 1958 не сфатила дека е безнадежно дилетантска агенција, која измислува, фабрикува и фингира факти, без да ги приложи на светот соодветните докази.
Следуваат барања од НАСА да се засрами, да се извини за млатењата, кои навестуваат дека ќе продолжат во континуитет, за што стравува научната мисла на социјалните медиуми во оваа земја, згрозена од идејата за настанокот на Агенцијата, со првично име НАЦА, во 1915 година. Особено место зазема барањето да се поништи името на Ајнштајн, човекот кој ги предвидел црните дупки со Теоријата за релативитет.
Како финале- научната заедница на социјалните мрежи понуди доказ за сопствената релевантност и кредибилност: селфи на првиот Македонец во историјата на човештвото, не пред, туку стациониран токму во самата Црна дупка, во нејзиниот центар. Тој е фотографиран додека ја образложува Црвоточината, како тополошко обележје кое претставува хипотетички скратен пат низ времето и просторот. Ова е и научно објаснување како Македонците ја настанале Земјата, како нејзини први луѓе и сториле се, дале се од себе барем местото каде што се закотвиле денеска, да остане Црна дупка.
За нив Ајнштајн не проговорил, стравувајќи дека низ годините, може да се случи пресврт и да се докаже- во што би можело да се претвори неговата, сега веќе докажано од сегашната нобеловска елита во Македонија, бедна Теорија на релативитетот.
Тоа е таа приказна за Млатењето празна слама, како најдобрата понуда што ние на светот можеме да му ја сервираме, но претходно мора да се елимимираат завидливите и зли очи на НАСА кои тоа не го дозволуваат. Во тесна конкуренција сме со некои од останатите балкански земји како чуда од божји народи. Затоа, слегнете со раменици и помирете се- секојдневно со нив сме во нерешена битка во таа борба за задржување на престолот на млатачи на празна слама, неприкосновени сопственици на црните дупки, распоредени исклучиво низ овие простори.