Државниот ревизор утврдил низа нерегуларности во работењето на Министерството за здравство и дадено е негативно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на прикажаните состојби пред ревизорот, се заклучува во последниот извештај за регуларност на оваа институција за 2012 година. Сметководството не се водело соодветно, обврските кон добавувачите не биле соодветно прикажувани, недостигале документи, а крупните проекти како на електронската здравствена картичка биле на ризик поради несоодветно администрирање.
-Изразено е негативно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва во однос на усогласеност со законските прописи во финансиските трансакции за 2012 година, се вели во заклучоците на ревизорот кои се однесуваат на основната сметка на Министерството за здравство.
Една од посериозните забелешки е и околу начинот на распределба на обврските на вработените. Ревизорите забележале дека поради тоа голем дел од клучните проекти на министерството се на ризик.
Како пример е посочена имплементацијата на проектот Електронска здравствена картичка. Ревизорите откриваат дека на овој проект, како и на проектот за интегриран здравстен информатички систем и целокупната информатизација на здравството работи само едно редовно вработено лице на позиција советник и 6 ангажирани преку агенција за привремени вработувања. Ревизијата констатирала дека тоа е ризик и дека е во спротивност со актот за систематизација за Секторот за информатичка и комуникациска технологија според која треба да видат вработени 17 извршители.
Сериозна забелешка има и во делот на координацијата околу финансиите. Ревизорот открива дека голем дел од документите од различни сектори не стигале во сметководството.
Во секторот за финансиски прашања предвидено било одделение за координацицја на јавни набавки со пет извршители согласно законот за јавни набавки, но ниту едно од тие места не било пополнето, а обврската му била доверена на само едно лице од сосема друг сектор.
Освен законот за јавни набавки, прекршен е и законот за јавна финансиска контрола, констатира ревизорот. Министерството наместо 6, вработило само 1 лице за сметководствено работење, а обврските им ги препуштиле во Службата за општи и заеднички работи, за чии системи ревизорот констатирал дека се застарени.
Досега, иако е формирана единица за внатрешна ревизија која е задолжителна според законот, Министерството за здравсто не направило ниту една ревизија и извештај, се вели во извештајот.
НЕМААТ ПОПИС И НЕ МОЖАТ ДА ИМ СЕ УТВРДАТ ДОЛГОВИТЕ
Освен административната неекипираност, во делот на финансиското работење ревизорот констатирал дека министерството пописот за имотот на министерството бил нецелосен и неточен, а долговите на министерството биле прикажани нереално, односно во помал износ од реалните. Работата отишла дотаму што ревизорот морал сам да ги контактира добавувачите за да ја утврди висината на долгот.
-Како потврда за нереално и необјективно искажана состојба на обврските во сметководствената евиденција и во Билансот на состојба се испратените конфирмации и добиените одговори од добавувачите. Имено, ревизијата врз основа на меѓународните стандарди за ревизија испрати конфирмации до 9 комитенти кои опфаќаат 87,04% од обврските заради обезбедување на достатни соодветни ревизорски докази за состојбата на обврските. Од испратените информации до денот на ревизијата се добиени одговори од сите комитенти и ниту една конфирмација не ја потврдува сметководствената состојба.
ВРАБОТУВАЛЕ СПРОТИВНО НА ЗАКОНИТЕ
Во извештајот ревизорот открива дека минатата година министерството вработило 51 лице со договор на дело и преку агенциите за привремени вработувања. Според ревизорот, овие вработувања се спротивни на законот за државни службеници, бидејќи привремените вработувања според законот претставуваат сезонска работа или друга самостојна физичка или интелектуална работа, но не е и работа на државен службеник.
Ревизорот дал негативно мислење за работата на оваа институција и во 2009 година. Три години потоа, при новата ревизија констатирале дека малку од препораките кои тие ги дале се имплементирани во институцијата.