Центарот Пркос започнува со организирање работилници за уметност, на кои лицата со попреченост ќе можат да се стекнат со теоретски и практични знаења со чие посредство ќе ги развијат своите творечки вештини. Целта е да се социјализираат да ја добијат толку потребната самодоверба со која полесно ќе се позиционираат во општеството.
Петте работилниците ќе се одржуваат на терасата на Green House кафетеријата (на Илинденска 94), во недела од 11 до 12 часот.
Првата почнува на 5 мај, а учеството е бесплатно и без никаквии ограничувања. Пријавувањето е на info@prkos.mk до крајот на месецот.
Работилниците ќе ги води Касиопеја Наумовска – наша реномирана сликарка, магистер по студии на култура и професорка по уметност. Програмата за креативна ликовна обука содржи творење со богатство на идеи, флуентност за авторска работа и вклученост во групни проекти. Осмислена е да ги пресретне афинитетите, потребите и желбите на учесниците. На наставата ќе доаѓа до израз самостојната работа и истражувачките активности. Преку овој вид обука ќе може да се стекнат знаења за основните ликовни елементи: линија – каква може да биде? Што може да се нацрта со помош на линија? По што би можело да се препознае делото на еден уметник?
Очекувани резултати се: Оспособување да се интегрираат влијанијата на историските и современите ликовни трендови, запознавање на карактеристиките на дво и тро димензионалноста во формите, основи на перспектива, претставување на разни форми во координатен систем, цртање форми во перспектива, објаснување на изразните средства за реализација на делото, анализирање на ликовните елементи, продлабочување на естетската култура, развивање на чувство за убавото, и следствено, формирање креативна личност со дефинирани ликовно-естетски критериуми.