Мигрант утрово, без безбедносна проверка, упадна на пистата на Меѓународниот аеродром во Сараево, упатувајќи се кон авион на авиокомпанијата „Аустриан“ што се подготвувал за полетување.
На упадот веднаш реагирале припадници на Граничната полиција на Босна и Херцеговина, кои го уапсиле мигрантот.
Граничната полиција соопшти дека нејзините припадници привеле државјанин на Сирија, кој „без дозвола за движење и задржување во рестриктивната зона на аеродромот се обидел да влезе во авион за Виена“.
Во време на инцидентот, патниците веќе биле качени во авионот на „Аустриан“ за лет од Сараево до Виена, но потоа тие биле вратени во аеродромската зграда, а леталото било испратено на детална проверка.
Пилотот ги известил патниците дека летот се одлага затоа што „одредени личности ги заобиколиле безбедносните бариери“.
Авионот полетал за Виена со два часа задоцнување.




