Захран Хашим за кого се смета дека е лидер на вооружената група која ги изврши бомбашките напади на католичкиот Велигден загинал во експлозија во хотелот „Шангри-Ла“, еден од шесте хотели и цркви кои беа нападати, соопшти претседателот на Шри Ланка Маитрипала Сирисена.
Полицијата на својот Твитер профил објави дека Мохамед Захран Хашим, лидер на локалната вооружена група Нешенел Тохид Џамат, познат по екстремистичките говори на социјалните мрежи, загинал во еден од деветте самоубиствени бомбашки напади.
Исто така, полицијата соопшти дека го уапсила вториот човек во командата на групата.
Во деновите по нападите, Хашим се појави во видео објавено од ИСИС, во кое седуммина мажи, за кои се сметаше дека се дел од бомбардерите, ветија верност кон групата. Хашим беше единствениот што го покажа своето лице.
Хашим бил од крајбрежниот град во Шри Ланка, Катанкуди. Неговата сестра за Би-Би-Си изјави дека била ужасната од она што го сторил нејзиниот брат.
„Дури и ако тој е мој брат, не можам да го прифатам ова. Не ми е грижа за него повеќе“, рече таа, додавајќи дека последен пат контактирала со Хашим, пред две години.
Официјалните претставници на Шри Ланка го ревидираа бројот на жртвите од бомбашките напади за околу 100 и соопштија дека во нападите загинале 253, а не 359 како што беше првично соопштено, објаснувајќи дека имале тешкотии во идентификувањето на деловите на телата. Во врска со нападите досега се уапсени најмалку 58 лица, а полициската истрага е и натаму во тек.
Девет лица се осомничени за спроведување на нападите. Двајца од бомбардерите се тврди дека се синови на бизнисменот Мохамед Јусуф Ибрахим, еден од најбогатите луѓе во Шри Ланка. Ибрахим бил уапсен и испрашуван по нападите.
Еден од неговите синови, наводно, бил бомбашот во хотелот “Шангри-Ла” – заедно со Хашим, а другиот син бил бомбашот во ресторанот на хотелот „Кинамон Гранд“.




