Во пресрет на денешниот неформален самит во Берлин чии домаќини се германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, германските медиуми ја анализираат состојбата во земјите од Западниот Балкан и ја коментираат нивната подготвеност за приближување кон ЕУ.
Северна Македонија е единствената земја од Западниот Балкан која заслужува да биде наградена со датум за почеток на преговори со ЕУ, пишува „ФАЦ“. Меркел планира да го притисне Макрон за преговорите со ЕУ, тврди „Вел, а објавува Дојче Веле.
Франкфуртер алгемајне цајтунг во текстот под наслов „Србија не припаѓа кон ЕУ“ жестоко ја критикува политиката на тамошниот претседател Александар Вучиќ и неговиот однос кон медиумите и опозицијата. Според ФАЦ, на Балканот постои само еден исклучок кој заслужува награда од ЕУ- Северна Македонија:
„Земјите од регионот и натаму заслужуваат поддршка, но натамошно приближување кон ЕУ во моментов би било погрешен сигнал. Со еден исклучок: Северна Македонија има една реформски ориентирана влада, која направи храбри компромиси за сонот Европа менувајќи го и своето име за да го надмине стариот спор со ЕУ-членката Грција“ пишува ФАЦ.
Дека постои желба и план да ѝ се помогне на Македонија на самитот во Берлин открива весникот Велт во неделното издание. Велт пишува дека канцеларката Меркел сака по секоја цена да го убеди Макрон на Северна Македонија во јуни да ѝ се даде шанса да ги започне преговорите со ЕУ.
„Клучни ќе бидат два разговора, кои ќе се случат во понеделник пред големата рунда: Прво Меркел ќе разговара во четири очи со македонскиот премиер Зоран Заев. Потоа со Макрон. Меркел сака да ја награди Северна Македонија за нејзината заложба во спорот за името со почеток на преговорите со ЕУ. Макрон, кој повеќе е заинтересиран за продлабочување одошто за проширување на ЕУ, не го сака тоа. Но компромис е можен: Меркел ветува дека силно ќе се заложи кај Макрон за брз почеток на преговорите, а Северна Македонија трпеливо ќе чека до по изборите за Европскиот парламент, за Макрон да си го спаси образот. Околу тоа денеска ништо нема да биде објавено“, пишува Велт, а пренесува Дојче Веле.




