Полицијата во Венецуела синоќа употреби солзавец врз учесниците на протестот на опозицијата во Каракас, а демонстрантите возвратиле со молотови коктели. Според медиумите, една жена загинала во судирите вчера, додека 46 луѓе се повредени.
Венецуелски невладини организации потврдија дека 27-годишната Јурубит Раусео во средата навечер во болница им подлегнала на повреди здобиени од куршум во главата. Двајца исто така се повредени од огнено оружје.
– Од утре одиме во штрајк и постапно до генерален штрајк, нагласи синоќа Хуан Гуаидо, кој поголемиот број западни земји го признаваат како привремен претседател на Венецуела, додавајќи дека ќе продолжат „се додека не се постигне слобода“.
Привремениот претседател на Венецуела и опозициски лидер Хуан Гуаидо им порача на своите приврзаници дека протестите се неповратен процес и ќе продолжат секој ден додека не се постигне слобода.
– На вистински пат сме, нема враќање, порача Гуаидо.
Тој најави дека од денеска ќе почнат серија штрајкови, кои на крајот ќе доведат до генерален штрајк. Тој ги први вработените во јавниот сектор, истакнувајќи дека тоа ќе го присили Мадуро да поднесе оставка.
– Ако режимот мисли дека го извршивме максималниот притисок, тогаш не можат ниту да замислат колку ние можеме да издржиме, им се обрати Гуаидо на присутните.
Истовремено, во Каракас беа одржани и провладини протести, за кои претседателот Николас Мадуро вели дека биле организирани по повод 1 Мај.
Претходно Мадуро ги опиша приврзаниците на Гуаидо како „мала група“ чиј план не се реализирал, додека, пак, опозицискиот лидер повторно ги повика граѓаните на Венецуела да излезат на улици и да се заврши, според него, „последната фаза“ од соборувањето на Мадуро од власт.
Тој најави дека сите вмешани во обидот за негово соборување ќе бидат казнети.
За утре е закажана итна седница на Лима групата на земјите од Латинска Америка.







