Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск во интервју за полските медиуми, оцени дека има 30 отсто шанси Велика Британија да не ја напушти Европската Унија.
Како што јави МИА од Брисел, ваквиот став Туск го изнесе одговарајќи на прашање дали втор референдум за Брегзит би можел да има поинакви резултати од претходниот.
Туск смета дека поранешниот британски премиер Дејвид Камерон направил погрешна политичка калкулација со организирањето на референдумот за Брегзит во 2016 година, и дека доколку денес се свика ново гласање за британското истапување од ЕУ, резултатот би бил различен бидејќи се научени лекциите од тоа што значи напуштањето на Унијата.
– Немаше вистинска дебата за последиците од Брегзит за време на референдумската кампања, туку само по гласањето. Денес резултатите веројатно би биле различни, смета Туск.
Според него, иако референдумот за истапување на Велика Британија од ЕУ се случил во најлош можен момент, парадоксално е што тој исто така пробудил големо проевропско движење.
Советник на францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Франција не сака „одново одлагање” на Брегзит и го замолува Лондон „да најде решение пред 31 октомври”.
– Британците ќе учествуваат на европските избори, тоа е дискутабилно, но тешко е да се поверува дека процесот (за Брегзит) ќе заврши пред 23 мај, нагласи претставникот на Елисејската палата.
Според него, изборите за членови на Европскиот парламент би можеле да бидат политички шок, што „ќе доведе до транспарентен договор пред 30 јуни“.
– Но, ако ситуацијата не биде разјаснета на 31 октомври, кога се формира Европската комисија, нема да организираме серија самити за Брегзит, додаде тој.
Велика Британија првично требаше да ја напушти Европската унија на 29 март, но мораше во два наврати да го одлага датумот на истапување од блокот, затоа што британската премиерка Тереза Меј не успеа да обезбеди поддршка од пратениците во Долниот дом на Парламентот во Вестминстер за Договор за Брегзит, што лани во ноември го постигнаа Лондон и Брисел.
Новиот краен рок за Брегзит е утврден за 31 октомври, во услови кога конзервативната Влада на Меј неколку недели се обидува да постигне консензус со опозицијата за Договорот.
Лидерите на 27-те држави што ќе останат во Европската унија по заминувањето на Обединетото Кралство, вчера во романскиот град Сибиу потпишаа Декларација за иднината на Европа, со која се обврзаа дека ќе останат „обединети, против сите судири и за да ги заштитат граѓаните”.




