САД го распореди системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ на Блискиот Исток, поради ескалација на тензиите со Иран.
Воениот брод „Арлингтон“ исто така, ќе се приклучи на американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“ и на единицата борбени авиони на САД во регионот на Блиски Исток.
И бомбардерите на САД Б-52 пристигнаа во базата во Катар.
„Овие сили ќе им се придружат на единицата борбени авиони на САД во регионот на Блиски Исток, како одговор на индикациите за зголемена подготвеност на Иран да изведе офанзивни операции против воените сили на САД и нашите интереси“, соопштуваат од Пентагон.
Иранскиот ајатолах Јусеф Табатабија Нејад синоќа порача дека „ флотата на САД вредна една милијарда долари може да биде уништена со една ракета“.
Иран на 8 мај најави делумно повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од спогодбата. Иранскиот претседател Хасан Рохани на европските лидери им даде рок од 60 дена да изнајдат начин да го заштитат Иран од американските санкции или во спротивно Техеран нема да ги продава резервите збогатен ураниум во странство и ќе ја интензивира преработката на ураниум.




