Во Градскиот трговски центар пред неколку месеци се отвори ново кафуле, по својата специфичност, прво во нашата земја – во кафулето „Амбрела“ работат лица со попреченост.
– Ова не е некоја класична иновација. Не станува збор за којзнае каква идеја. Ова е нешто што е одамна разговарано, нешто што во светот одамна функционира. Кај нас исто така, постоеле заштитни друштва од порано. Таму отсекогаш се вработуваат лицата со попреченост. Но, има еден друг момент – во минатото се правеле многу злоупотреби со овие лица. Постојат таканаречени „заштитни друштва“ кои вработуваат лица со попреченост, кои само фиктивно ги вработуваат лицата, а всушност прават злоупотреби. Во таквите друштва процентот на вравотени лица со попреченост мора да е 40 отсто. Тие лица во таквите друштва се ограничени, не се гледаат со никого, не контактираат – вели Марјан Петров, сопственик на кафулето.
И покрај неговиот ентузијазам и оптимизам, признава дека води секојдневна битка со стереотипите – се случувало да влезат гости, кои откако ќе го видат персоналот, се вртат и си заминуваат.
– Треба да помине време за да се урнат бариерите и да се победат стереотипите, вели Петров.
Прекрасни и посветени работници
Идејата на Петров била лицата со попреченост да работат некаде каде што може да бидат видени, а кафулето е токму такво место.
Во „Амбрела“ има 10 вработени – лица со попреченост и четворица кои доаѓаат на пракса. Во кафулето работат вкупно 25 луѓе.
За сите нив Петров вели дека тие се прекрасни и посветени работници кои секој би ги посакал.
– Јас во „Амбрела“ работам веќе шест месеци. Убаво ми е тука, со колегите и со газдата. Работам за плата и за бакшиш – вели Филип Ангеловски, кој има 22 години и работи како келнер во кафулето. Тој има Даунов синдром.

Поголем дел од луѓето во кафулето се вработени во соработка со Агенијата за вработување.
-Ова не е некакво чудо. Нашата идеја беше да ги вработиме во една реална работна средина, каде што ќе имаат можност секојдневно да запознаваат нови луѓе, да комуницираат и на тој начин луѓето да може да видат дека овие лица може да функционираат. Ако им се даде шанса, тие можат да работат и самите да заработуваат, а не да бидат на товар на општеството – вели Петров.
За идејата вели дека не е само негова. Произлегла од разговор со негови колеги од Студиите по социјална работа, за тоа дали ние како општество и град имаме доволно капацитет да поддржиме еден ваков концепт и бизнис.
Петров, сепак признава: „Засега се уште не сме сигурни, релативно тешко функционираме. Секојдневно измислуваме што да направиме за да привлечеме гости“.
Лицата по попреченост се скриени од општеството, живеат изолирано. Има специјални училишта во кои откако ќе завршат, не излегуваат од дома. Ако најдат некаква работа, пак работат во изолирани улови, никој не ги гледа и имаат нула застапеност во општеството.
-Ние како општество сме малку назад во сфаќањата на тој социјален бизнис. Кај нас веројатно години и години наназад самата политика го направила тоа и луѓето кога ќе го слушнат зборот „социјала“ тоа ги асоцира на политика, што во суштина не е така. Најсилните држави во светот се социјални држави. Социјалното општество е тоа што се бори за правата на луѓето и посебно во сферата на оние социјално ранливи категории, вели Петров.
Тој апелира целокупната јавност, посебно јавните лица да ја сфатат нивната моќ да влијаат кон кревање на свесноста за лицата со попреченост. И да не ја заобиколуваат „Амбрела“.





